Microsoft Edge е солиден прелистувач. До пред некое време, беше заснован на EdgeHTML и Chakra JavaScript. Но, за подобра компатибилност низ бројни направи, челните лица од Microsoft решија да го засноваат нивниот прелистувач на Blink и V8, добро познати Chromium енџини. Ваквата транзиција трае година дена и резултатот од таквите напори се тестира на Windows 10 веќе неколку месеци.
Сега, корисниците можат да го проверат Microsoft Edge и на некој од постарите оперативни системи. Имено, почетна верзија на Edge може да се тестира и на Windows 7 или Windows 8. Иако корисниците се пријатно изненадени од брзината и севкупната функционалност, сепак се забележуваат одредени проблеми и недостатоци, кои би биле искоренети во наредните неколку месеци. Еден од повидните недостатоци е немање поддршка за темниот режим на прелистувачот. Мајкрософт делуваат целосно посветени на понатамошна работа на прелистувачот.
„Нашата цел е да го подобриме веб искуството на нашите корисници на секоја направа и да им овозможиме на развивачите одлични искуства со што помала фрагментација, нешто што е замислено со идната верзија на Microsoft Edge“, пишува на официјалниот блог пост.
Не се случува по прв пат прелистувач да позајмува технологии на друг конкурентски прелистувач. Opera го замени нивниот Presto енџин за Blink уште во 2013 година и, со оглед на моментната популарност, таквата одлука се чини далеку од погрешна. Не се сите со исто мислење, особено доколку ги прашате од Mozilla, компанијата зад Firefox. Во нивен блог пост, Mozilla признаваат дека одлуката на Microsoft е основана, но резултира со проблематична нус појава, а тоа е дополнително давање моќ на Google. Нивната генерална идеја е дека целосна конкуренција на Google е од исклучителна важност, не само од социјална, туку и од граѓанска и индивидуална перспектива.
За да ги проверите потенцијалите на Edge на Windows 8 или Windows 7, покрај можностите за macOS, кликнете тука!