Стартапот Leap Motion преку своето демо кое го покажа на CNET најави дека доаѓа крај на контролерит како Kinect, Wii, или PS Move. Leap Motion 3Д е контролер кој, слично како и споменатите, го користите со движења на рацете, телото или најразлични предмети кои ги држите во рацете. Слично како кај Kinect рацете ви се слободни, но што е навистина воодушевувачки е прецизноста со која уредот го следи вашето движење. Уредот е со точност од 0,01mm што е 100 пати попрецизно од Kinect на Microsoft.
Leap 3Д е со големина на вообичаен USB стик, но неговите можности изгледаат фантастични, во презентацијата беа вклучени од манипулација со оперативен систем, пребарување, контролор за видео игри, 3Д моделирање, навигација по мапи и слично. Импресиво изгледа и латенцијата со која оперира уредот, па барем на демото изгледа дека потезите кои се прикажани не доцнат зад прикажаната содржина.
Покрај ова изгледа дека уредот ќе биде популарен и за дизајнирање, архитектура, инженерство и визуелизација на податоци. Работната површина која е опфатена со Leap 3Д е со големина на коцка со основа 50 сантиметри, а камерите и сензорите кои се користат се вообичаени за ваков тип на уреди, според Leap Motion, тоа што го разликува контролерот од конкурентските е токму софтверот кој го прави Leap 3Д навистина моќна алатка.
[youtube]zMvbJkzhJrs[/youtube]
За некој од отстрана го набљудува уредот, морам да признаам дека неодоливо потсeтува на Minority Report, а на моменти дури и поимпресивно. И покрај тоа што станува збор за стартап, во уредот се инвестирани 12,75 милиони долари од Енди Милер, кој сега е партнер во Highland Capital Partners, но своевремено беше вработен во Apple како директор за мобилен маркетинг кој соработувал со Стив Џобс.
Покрај квалитетот уредот ќе биде конкурентен и со цената која е проектирана на 70 долари, што е повеќе од двапати поефтионо од Kinect за Windows кој моментално чини 150 долари. Друга голема предност е достапноста на SDK за програмерите уште од сега, пред пушатање во продажба и Leap Motion најавија дека ќе ги промовираат креираните апликации во нивната „продавница“.
Leap 3Д e веќе достапен во предпродажба, но за жал само за жителите на Америка, а се очекува на пазарот следната година за корисниците на PC и Mac.
[youtube]N6hCwjwzUHg[/youtube]