За само неколку години, во 2026, 10 години по апокалипсата, светот ќе биде постапокалиптично место. Луѓето ќе морааат да бидат подготвени на сè, на куп работи само за да преживеат. Мизеријата на преживување во ваков свет е главен дел од приказната за The Seed, нова игра од Дамјан Цветков-Димитров и Николај Аaоре дел од креаторите на Misery модот за S.t.a.l.k.e.r. The Seed е најавена како трилогија, а денес излегува нејзиниот прв дел.
„Без да навлегувам во катастрофален спојлер, приказната е постапокалиптична, преживување, измиксано со многу суптилна научна фантастика. Практично, целта беше да ја земеме мизеријата на преживување во таков свет и да го пренесеме искуството во интерактивна приказна.
Има луѓе кои соработувале со нас кои имале воени улоги, некои од нив и во војна. Покрај другите извори влечеме и од тоа на некој начин да отсликаме во искуството на играта“, открива Дамјан Цветков-Димитров, еден од авторите на Seed.
The Seed e дело на Дамјан Цветков-Димитров и Николај Ааоре кои се сретнаа и соработуваа на Misery. По оваа игра, Дамјан и Николај седнаа и решија да започнат заедничка игра. Од оваа идеја всушност и произлегува The Seed. Двете игри делат заеднички елементи, како естетиката и чувството на мизерија, но сепак се различни светови.
„На страна од ова имаме напишано речиси книга за изворот на сè што се случува во играта. Како историска и објективна архива на сè, потоа од тоа започнува фикцијата.
Со тоа што различни перспективи на луѓе може различно да интерпретираат ист настан. Може и некој да лажат и да пробаат да манипулираат, без ова да се примети“, вели Дамјан.
Ако ја следите приказната за развојот на The Seed најверојатно веќе знете дека играта доцни две години. Играта дел од средствата за реализација ги собра на Kickstarter во 2014 година, а требаше да излезе во 2015 година. Ако некогаш имало добра причина за доцнење тоа е оваа. Авторите на играта креираа многу поголем свет од првично замислениот, а ова секако одзема повеќе време.
„Играта требаше да излезе пред отприлика две години. Ама внесовме трипати повеќе содржина. Тоа ги зголеми сите други елементи во играта многу пати“.
Една од специфичностите на Seed е што креаторите на играта се на различни делови од светот. Сепак ова не е никаква пречка за соработка.
„Освен синхронизација и тоа што мора сè да е договорено однапред нема толку спонтаност, не е проблем дури е и интересно. Многу различни перспективи“, додава Дамјан.
The Seed излегува денес. Играта е достапна на Windows, Linux и macOS, а најавена е и iPad верзија, но подоцна. Во продажба Seed е достапна на официјалната страница, Mdtseed, а во иднина ќе биде издадена и на Steam.
(Disclaimer: Дамјан Цветков-Димитров беше автор за IT.com.mk во 2012-та година, но неговата работа на Misery, The Seed и било што друго не е поврзано на ниту еден начин со порталот. Ова не е ПР текст за неговата работа, туку, како сите други, текст за можностите да се работи на нешто поврзано со ИТ)