Излезе Windows 10 Fall Creators надградбата, кои се најдобрите функции?

Од Microsoft се имаат обврзано да исфрлуваат по две содржителни надградби за Windows 10 секоја година. Првото надополнување за годинава излезе на пролет, а есенската надградба почна полека да се вдомува во компјутерите на корисниците. Fall Creators надградбата нема да се презема и интегрира во Windows 10 за сите од еднаш, туку постепено и одредени корисници би можеле да ја добијат надградбата преку Windows Update денес, а други за некој ден, или недела. Но, доколку сакате ситуацијата да не ја препуштите на случајот, можете да ја преземете надградбата така што ќе кликнете тука, а потоа на копчето Update Now.

По инсталирање на надградбата, првите работи кои ќе ги забележите се суптилните промени во изгледот и анимациите, нешто што се должи на воведувањето на Fluent дизајнот. Microsoft се стреми да му дозволи на Metro дизајнот да го направи следниот еволутивен чекор и да премине во околина која се фокусира на светлина, длабочина, движење, материјал и големина, со анимации кои го раздвижуваат дизајнот и му даваат илузија на движење. Почетоците од таквата мисија се очигледни во есенската надградба. Но, не и финалниот резултат. Што се однесува и до останатите функции, дел од ветеното е исполнето, а дел ќе биде донесено преку идните надополнувања.

Проширена реалност

Виртуелната (VR) и аугументираната (AR) реалност заземаат се поголем удел во животите на корисниците, а Microsoft дефинитивно не сака да биде исклучен од ваквото нешто и го наметнува своето присуство со Mixed Reality (MR)– појдовна точка за интерактивно управување со апликации, играње игри, како и гледање филмови, односно телевизиски серии. Нормално, за да уживате во предностите на оваа технологија, одредени предуслови мора да бидат исполнети. Потребен ви е соодветен headset од произведувачите како Acer, Asus, Dell, HP, Lenovo или Samsung, како и исклучително моќна машина, особено доколку сакате да навлезете во виртуелната реалност со нешто повеќе од основните апликации. Листата од игрите кои моментно се поддржани е исклучително кратка, но таквото нешто значително ќе се смени во моментот како SteamVR ќе го започне бета тестирањето на крајот на годината.

Гејминг револуција?

Со исклучок на Mixed Reality, гигантот од Редмод се има првенствено сконцентрирано на овозможување подобар Mixer и покорисен Game Mode.

„Со Fall Creators надградбата, го правиме Mixer уште подобар – сега можете да го покренете и да започнете со стримување игра побрзо од кога било“, објаснуваат од Microsot. „Game модот, пак, им дозволува на гејмерите да извлечат поголема моќ од компјутерот и да го насочат таквото нешто кон игрите, за да се понудат подобри перформанси, а со тоа и подобро искуство на Windows 10“.

Гејмерите би можеле дополнително да бидат израдувани со воведување нови можности за следење на перформансите на графичката карта. Task Manager сега се одликува и со приказ на искористеноста на графичката карта и меморијата. Самите процеси сега се групирани во главниот интерфејс и полесно се контролираат од Task Manager. Исто така, бројни проблеми кои произлегуваат од користење втор монитор, особено 4к, се искоренети со есенската надградба.

Покорисен OneDrive

Корисниците кои зависат од OneDrive за поставување на нивните омилени работи на облак, особено би можело да ја ценат можноста за извлекување податоци само во моментот кога ви се потребни и избегнување на постојано синхронизирање. OneDrive Files On-Demand ги презема само ние фајлови кои вие во моментот ќе ги побарате, а од File Explore инстантно ќе можете да забележите кои фајлови се достапни по локален пат, а кои треба првин да ги преземете од облакот.

Интеграција со луѓе

Windows 10  одличен оперативен систем кој револуционира многу работи, но лентата со задачи (taskbar) и понатаму се провлекува како стерилен и одамна запоставен експеримент. Есенската надградба, ја искористува оваа вертикална површина за да ви дозволи да вдомите пријатели, колеги или членови од семејство за да на побрз начин пристапите кон нивните детали, пробате да им се јавите преку Skype или пак да споделувате фајлови, како слики, со едноставно влечење и пуштање врз сликата, директно од вашиот taskbar. За (дискутабилно) подобра комуникација, имате на располагање и соодветен панел со емотикони (emoji), започнувајќи со диносауруси, движејќи се преку духови и самовили, па сè до зомби чудовишта. Пристап до панелот добивате преку Win + . или Win + ;.

Прелистувачки новитети

Од добар, Microsoft Edge станува уште подобар. Слично на системот со интеграција на луѓе, на taskbar ќе можете да ги вметнете и вашите омилени страни за да со еден клик ви се отвори саканата страна. За целосно искористување на мониторот, новата опција за full screen (f11) максимално го користи просторот и поубаво ги прикажува содржините од страните, уживателите во пишаниот збор ќе можат дополнително да обележуваат работи од нивните PDF и EPUB е-книги, како и д бидат изложени на попрактичен приказ и навигација. Дополнително, имате поголема контрола при затворање табови, миграција на колачиња и опции од Chrome во Edge, промена на url адресите од favorites, како и подобри перформанси и побрзо вчитување на страните во ново-отворените табови.

Звук и слушалки

Новиот Volume Mixer ви дозволува индивидуално управување на гласноста на апликациите, што знае да биде корисно доколку сакате музиката од вашиот плеер да е потивка од гласноста во играта. Исто така, со десен клик иконата за звук, можете да вклучите Windows Sonic, функција која поддржува surround и Dolby Atmos.

Сево ова, допринесува до пријатна околина која и едноставните работи дополнително ги олеснува и забрзува. За повеќе на овие теми, останете со нас!

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk