По трагичниот настан во Пулс во Кочани на 16 март 2025 година, се отворија многу прашања за транспарентноста и контролата на угостителските објекти. Токму овој инцидент го мотивираше Гоце Митевски, да се зафати со проект кој има за цел да расчисти барем дел од маглата околу издавањето лиценци за кабареа, ноќни барови и диско клубови.
Во време кога податоците се најмоќната алатка, државните институции во Македонија сѐ уште работат со „затворени врати“, објавувајќи јавно достапни информации во тешко достапни формати. Токму поради ова Гоце го создаде Регистарот на лиценци за вршење на угостителска дејност. Регистарот е интерактивен и на едноставен начин ги презентира лиценците за угостителски објекти.
Со Гоце разговаравме за регистарот, предизвиците со кои се соочил, и како оваа и слични алатки може да станат клучен инструмент во рацете на граѓаните и новинарите за откривање на системски слабости.
Иако верувам на сите им е јасно; Што те мотивираше да го започнеш овој проект?
По трагедијата од 16 март 2025 г. во Пулс, во Кочани, почнав да истражувам повеќе околу правната рамка за контрола на угостителските објекти што работат како кабареа, ноќни барови, дискоклубови и дискоклубови на отворен простор. Така и го открив Регистарот на издадени лиценци за вршење на угостителска дејност КАБАРЕ, НОЌЕН БАР, ДИСКОКЛУБ И ДИСКОКЛУБ НА ОТВОРЕН ПРОСТОР на Министерство за економија и труд на Република Северна Македонија, како и другите регистри објавени на страницата „Регулатива“. Непријатно се изненадив од несериозноста со којашто системот му пристапува на овој проблем. Државните институции што треба да овозможат контрола на хаосот и да воспостават ред на терен, објавуваат регистри со потатоци во комерцијални формати како „Microsoft Excel“, а за тоа трошат јавни пари. Според мене, лицата што издаваат вакви лиценци имаат многу одговорна работа и треба да подлежат на дополнителни механизми за контрола. Но, денес решенијата за издавање на лиценци, не се јавен податок, колку што сум информиран. Јавен е само референтниот број до документот, што мора дополнително да се бара од институциите и најверојатно никогаш нема да се добие заради доверливост.
Решив да направам алатка што „работи“ со системот и ги користи достапните податоци за да ги претстави на начин што ќе овозможи поедноставно користење. Првенствено, во тој дел внимавав на корисниците што немаат технички предзнаења и на новинарите. Сакав алатката да биде постојано достапна, да може да се пристапи од било кој уред и буквално со два клика да може да се дојде до податок, како на пример, кој угостителски објект има или нема лиценца за работа во определена година. Решив да не правам никаква дополнителна обработка на податоците и да ги направам видливи со сите свои недоследности. На пример, на едно место има 20233 година, потоа имињата на угостителските објекти не се совпаѓаат со правните називи, има разлики во референтните броеви за едни исти документи итн.
Кои беа најголемите предизвици со кои се соочи при собирањето и организирањето на податоците за овој регистар?
Податоците веќе беа собрани од Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија, така што во тој дел немаше некои посебни предизвици, освен еден – како да се прочитаат во формат што може да се отвори во прелистувач. За среќа, има многу добри луѓе по светов кои изработуваат библиотеки како „xlsx“. Со помош на „xlsx“, што е слободен софтвер, ја завршив тешката работа околу читањето на податоците од комерцијалниот формат на „Microsoft Excel“ и понатаму сѐ беше „лесна“ работа околу дизајнот на презентацискиот дел.
Интересно да се забележи е дека изворната датотека на Регистарот е создадена уште на 16 септември 2006 година. Оттогаш се менува една иста датотека во различни верзии без никаква архива за направените измени низ годините.
Колку време ти беше потребно да го развиеш регистарот од идеја до реализација на оваа интерактивна верзија?
Буквално два дена. 🙂 Викенд-проект.

Може ли да ни кажеш нешто повеќе за технолошкиот стек (tech stack) кој го користеше за да го изградиш овој интерактивен регистар? (На пример: програмски јазици, бази на податоци, фрејмворци, библиотеки, алатки за визуелизација на податоци).
Интерактивната верзија на регистарот е изработена со помош на „React“, „Vite“, „Bootstrap“, „xlsx“ и „Node“, како и „HTML“, „CSS“ и „JavaScript“ како основни елементи на отворената веб-платформа. Станува збор за статичка веб-апликација што ја вчитува содржината на изворната датототека, објавена од Министерство за економија и труд на Република Северна Македонија, и ја претвора во стандарден формат што работи во сите современи прелистувачи. Значи, дури и да немате инсталирано „Microsoft Excel“ на вашиот компјутер, да можете да им пристапите на податоците од било кој уред, преку прелистувач како „Firefox“, „Chrome“, „Safari“, „Edge“, „Brave“ итн. Кратко кажано се користи слободен софтвер. Изворниот код е јавно достапен на GitHub и во детали може да се анализира од сите што се заинтересирани.
Зошто токму овие технологии? Кои беа клучните фактори при изборот на истите?
Сакав интерактивниот регистар да може да се пристапи од било кој уред со современ прелистувач. Денес, на Интернет ги имаме сите потребни елементи за ваков вид на презентации и навистина е многу едноставно, за многу кратко време да се изработи нешто слично. Со користењето на слободен софтвер, едноставно е заобиколен хаосот со ограничувањата што ги носат комерцијалните софтверските лиценци.
Дополнително, сакав да дадам пример за помладите генерации, како со едноставна примена на група од неколку алатки, може да се дојде до одлични резултати и пријатно корисничко искуство.
Според тебе кое е најдобро сценарио? Како новинарите може да го користат регистарот да ги разоткријат слабостите на системот?
Наједноставно е да се почне од временскиот период. Доколку ја внесете годината, можете веднаш да видите колку лиценци се издадени, одземени или одбиени за тој временски период. Потоа, може да се проверат тие податоци и на терен, на пример… дали некој угостителски објект работи без лиценца?
Понатаму, може да се направи брз преглед на угостителски објект буквално со само еден клик. Исто така и брз преглед според видот на лиценцата. Дали угостителскиот објект што работи со години, всушност имал лиценца за сите тие години во коишто работел? Дали бројот на издадени лиценци според видот, се совпаѓа со фактичката состојба на терен?
Со комбинирање на неколку од овие начини на пребарување, лесно може да се увидат проблемите и да се побара дополнително објаснување од Министерство за економија и труд. За секоја издадена лиценца постои референтен број, па може понатаму да се истражува од кого е издадена лиценцата. Да се достави барање за слободен пристап до информации од јавен карактер за да се дојде до докази кои јасно укажуваат на системска корупција. Не знам како може самите лиценци да не се веќе јавно достапни, бидејќи се предмет на јавен интерес… сепак, и референтниот број е некаков податок.
Дали сметаш дека овој пристап може (и треба) да се примени и на други области во Македонија каде што е потребна поголема транспарентност во издавањето лиценци или дозволи?
Се разбира. Според мене, вакви алатки треба да изработуваат сите институции во државата со своите капацитети и да ги објавуваат како слободен софтвер, бидејќи би биле платени со пари од буџетот на државата, односно со јавни пари. За мене е несфатливо како во 2025 година државата сѐ уште нема законско решение за овој проблем. Таа сѐ уште троши пари од даночни обврзници за да купува комерцијални решенија што не се слободен софтвер, не се јавно достапни за сите граѓани и никој всушност во детали не знае како работат. Тука има многу различни аспекти како приватноста, следењето и безбедноста.
Замислете да постои алатка што ги прави достапни сите решенија за издавање на било какви лиценци и/или дозволи во државата. Алатката е јавно достапна и изворниот код е достапен за сите. Преку неа може да се видат со име и презиме тие што ставиле потписи на документи, значи да се види чија е одговорноста ако нешто е сомнително или пак, тргнало наопаку. Ако јас треба да потпишам таков документ, добро ќе размислам пред да влезам во кршење на законите. Ако јас сум новинар и сакам да истражувам повеќе на темата, ќе ја искористам алатката за да стигнам до потребните информации, ќе снимам видео на темата за која истражувам и ќе ѝ помогнам на државата да ги открие криминалците во своите редови. Исто така со вкрстување на овие податоци со други, би можел да откријам и други потенцијални проблеми со управувањето на системот.
Ваквиот начин на работа подразбира многу повисоко ниво на управување и целосна транспарентност во работата, со сите можни ризици што произлегуваат од неа.
Сакам да верувам дека Македонија може да биде подобро место за живеење и колку што можам, во своето слободно време, придонесувам за тоа. Сепак алатките што јас ги изработувам се повеќе во насока на контрола на направената штета. Потребно е да се делува системски и проблемите да се откријат пред да се случат, а тоа најдобро може да го направи државата, преку институциите што ги управува.







