Новото беспилотно летало HorseFly од AMP Electric Vehicles може да биде одговор на сите компании кој досега флертуваа со идејата за достава на продукти со дронови. HorseFly е наменет за достава на неколку продукти во област, а идејата е дронот да се пренесе со камион до зоната каде ќе се врши доставата и оттука да се лансира и да ги разнесе продуктите до крајната дестинација.
Според првите најави, дронот можеби и автономно ќе одлета од камионетот за достава кога ќе влезе во реонот при што возачот и беспилотното летало истовремено ќе вршат достави. По слетувањето дронот се приклучува и се полни од батеријата на возилото. Производителот вели дека нивните електрични возила оперираат за 28 центи на милја, а беспилотното летало има трошок од 2 центи на милја.
HorseFly има осум пропелери кои овозможуваат да пренесува и поголем товар. Засега се работи на инсталирање на камери, кои би овозможиле и спуштање и летање со помош на оператор. „Може да биде автономно, но не сакаме да биде сосем оставено само на себе“, вели Ден Зито за Fast Company. Но, еден од проблемите со кои би можеле да се соочат компаниите кои сакаат да ги користат овие беспилотни летала за достава, е што регулаторите кои ги носат препораките и даваат дозволи за летање, сè уште не се убедени дека овие летала се безопасни за сообраќајот. Дополнително свои сомнежи има и полицијата која вели дека овие летала можат да се користат од злонамерниците за набљудување на движењата на полицијата или дури за напади.
