Минатата недела не беше пребогата со технолошки иновации. За среќа првиот футуристички полумаратон на хуманоидни роботи се одржа во Пекинг, кој ги тестираше границите на способностите на роботите. Покрај ова пристигнаа првите детални рецензии на новиот моќен лаптоп Razer Blade 16 (2025). Nvidia имаше возбудлива вест за графичките картички NVIDIA RTX 5060. Покрај овие иновации слушнавме и за поскапувањето на PlayStation 5 во Европа, Велика Британија и Австралија. Овој преглед ги сумира клучните моменти и открива што ја одбележа изминатата недела во светот на технологијата.
Полумаратон на роботи
Оваа година на полумаратонот во Пекинг за првпат имаше и помалку невообичаени учесници. Покрај луѓето, на полумаратонот се натпреваруваа 21 хуманоиден робот, што го покажува напредокот на технологијата на роботи и колку тие се далеку или блиску од имитирање на човечките способности. Настанот беше претставен како излог на напредната кинеска технологија во областа на роботиката, во која Кина има амбиција да стане светски лидер до 2027 година, поддржана од државни субвенции и други стимулации, пишува Wall Street Journal.
Трката на 21 километар покажа дека иако некои роботи можат да трчаат релативно брзо и стабилно, тие се соочуваат со поинакви предизвици во споредба со луѓето. Танг Џијан, технички директор на Beijing Humanoid Robot Innovation Center, истакна дека трчањето е основна човечка способност што тие се обидуваат да ја имплементираат кај хуманоидните роботи за нивна потенцијална индустриска употреба во иднина, со цел зголемување на нивото на автоматизација во фабриките.
Пред почетокот на трката, илјадници натпреварувачи се подготвуваа во еден коридор, а роботите беа одвоени во друг дел. Стартот на роботите беше постепен за да се избегнат судири. Трката ја отвори роботот Tien Kung Ultra, висок 175 сантиметри и тежок 52 килограми, придружуван од три техничари кои го контролираа. За нив оваа трка беше кулминација на месеци тренирање за роботите, кои мораа да научат вештини кои кај луѓето се вродени, како навигација по рамни и нерамни патеки и свиоци, но и одржување на стабилност.
Поради склоноста кон кршење дел од роботите беа преработени за трката. Беа користени појаки материјали, а некои тимови тренираа со роботи прицврстени на метални конструкции за да спречат паѓање. Tien Kung Ultra, развиен од конзорциум кој ги вклучува UBTech, Xiaomi и локалната власт на Пекинг, трчаше со просечна брзина од речиси 10 километри на час, а може да се справи со различни терени. За трката, му беа подобрени нозете и зглобовите, а доби и специјални ѓонови за амортизација.
И покрај тоа што Tien Kung Ultra беше најдобар меѓу роботите, еднаш застана поради проблем со батеријата. Дополнително, батеријата три пати му беше заменета за време на трката. Додека многу роботи беа контролирани од далечина, Tien Kung Ultra користеше безжична технологија за следење и комуникација со човек кој трчаше пред него. Други роботи покажаа различни нивоа на успех, од стабилни до такви кои едвај се движеа или се расипаа уште на стартот.
Победникот кај луѓето ја заврши трката за еден час, две минути и 36 секунди. Организаторите првично планираа временско ограничување од 3,5 часа, но роботите имаат ограничено траење на батеријата (околу два часа). И првичното предвидено време беше доволно за Tien Kung Ultra кој беше првиот робот кој стигна до целта за 2 часа, 40 минути и 42 секунди. Сепак, само два робота го исполнија првичното временско ограничување. Поради ова, времето беше продолжено за да завршат повеќе роботи. Еден од учесниците забележа дека иако полумаратонот е исцрпувачки за луѓето, роботите можат да продолжат со замена на батериите, и изрази надеж за идни натпревари во други дисциплини како готвење, качување и пливање.
Razer Blade 16 (2025)
Минатата недела започнаа првите детални рецензии на Razer Blade 16 (2025), тенок и моќен гејмерски лаптоп кој се обидува да биде алтернатива на MacBook Pro. Според првите прегледи Razer Blade 16 (2025) на бенчмарк тестовите заостанува единствено зад најновите модели на MacBook Pro.
Се одликува со елегантен, целосно црн дизајн со RGB осветлување и одличен хардвер. Иако е потенок и полесен од својот претходник, има одлични спецификации, вклучувајќи ја и најмоќната мобилна графичка карта на Nvidia, RTX 5090. Сепак, доаѓа со висока цена и понекој компромис, пишува Verge.

Лаптопот е лесен и тенок, со димензии на кои може да им позавиди и MacBook Pro. Сите модели доаѓаат со 16-инчен 2560 x 1600 OLED екран со променлив рефреш до 240Hz. Најмоќниот модел на лаптопот доаѓа со AMD Ryzen AI 9 HX 370 процесор; 32GB RAM; 2TB SSD и Nvidia RTX 5090 мобилна верзија.
Благодарение на одличниот OLED дисплеј, игрите на лаптопот изгледаат одлично, особено оние кои поддржуваат DLSS 4. Сепак, во споредба со лаптопи со RTX 5080 кои се поевтини за 1000 американски долари, разликата во перформансите не ја оправдува цената. Батеријата е далеку од импресивна, а лаптопот и покрај перформансите е скап.
Хардвер:
- Дисплеј: 16-инчен (2560 x 1600) 240Hz OLED
- Процесор: AMD Ryzen AI 9 HX 370
- Графичка карта: Nvidia RTX 5090
- RAM меморија: 32GB LPDDR5X (залемен)
- Диск: 2TB M.2 PCIe Gen 4 NVMe (со дополнителен слот)
- Веб камера: 1080p, Windows Hello
- Поврзување: Wi-Fi 7, Bluetooth 5.4
- Порти: 3x USB 3.2 Gen 2 Type-A, 2x USB4 Type-C, слот за SD картичка (UHS-II), HDMI 2.1
- Тежина: околу 2,14 kg
- Димензии: околу 35,5 x 25 x 1.5 cm
- Батерија: 90Wh
Предности:
- Одличен дизајн, изработка и финиш
- Тeнок и елегантен дизајн
- Одличен OLED дисплеј
- Многу добри перформанси, особено во игри со поддршка за DLSS 4
- Добра селекција на порти
Недостатоци:
Најголем недостаток на моделот е високата цена, која е „вртоглава“ за најдобрите модели. На ова може да се додаде и средно добрата батерија, но и минималните подобрувања во однос на ланскиот модел. Покрај перформансите поевтин лаптоп со RTX 5080 може да биде подобра опција за парите.
NVIDIA RTX 5060
Новата NVIDIA RTX 5060 серија пристигнува со ветувања за многу подобрувања и поддршка за најновата DLSS 4 технологија. RTX 5060 ќе биде достапна по почетна цена од 299 долари, додека RTX 5060 Ti ќе има две варијанти: со 8GB VRAM за 379 долари и со 16GB VRAM за 429 долари. Мало изненадување е што RTX 5060 Ti со 16GB има повеќе меморија од помоќната RTX 5070. Пред да почнете со славјето, веројатноста дека ќе најдете некоја картичка по овие цени не е превисока.
RTX 5060 е наменета за 1080p гејминг, додека RTX 5060 Ti може да се користи и за гејминг на 1440p резолуција. Благодарение на DLSS 4 и 4X frame generation, овие картички ветуваат значително подобрување на перформансите во споредба со претходната генерација, особено во игри кои ја поддржуваат оваа технологија.
Првите тестови на RTX 5060 Ti со 16GB покажуваат добри резултати во 1080p и 1440p, достигнувајќи одличен фрејмрејт во игри како Cyberpunk 2077 и Halo Infinite. Дури и во 4K резолуција, со помош на DLSS 4, картичката успеа да постигне поднослив фрејмрејт, пишува Engadget.
Најголем недостаток секако ќе бидат достапноста и продажната цена на овие картички, имајќи ги предвид нестабилниот пазар на графички процесори и потенцијалните промени поради постојаната промена на царината.
Во принцип, NVIDIA RTX 5060 Ti (16GB) претставува добра опција за гејмери кои бараат солидни перформанси под 500 долари. Ова особено важи ако планираат да ја користат предноста на DLSS 4. Сопствениците на постари графички картички како RTX 3060 или постари, ќе забележат значително подобри перформанси. Сепак, повисоките цени на пазарот би можеле да бидат проблем.
Поскап PlayStation 5
Лоша вест за љубителите на PlayStation: цените на PlayStation 5 конзолите се зголемуваат во Европа, Велика Британија и Австралија. Причина за поскапувањето се високата инфлација и нестабилните девизни курсеви, велат од Sony. Ова е второ поскапување на конзолите на овие пазари од страна на компанијата. Претходното беше во 2022 година.

Во Европа и Велика Британија, поскапувањето засега се однесува единствено на дигиталната верзија на PS5. Цената во Европа се зголемува од 450 на 500 евра, а во Велика Британија од 390 на 430 фунти. За разлика од овие пазари, во Австралија и Нов Зеланд, цените се зголемуваат и за дигиталната верзија и за верзијата со Blu-ray диск. Во Австралија, дигиталната верзија поскапува од 650 на 750 австралиски долари, додека во Нов Зеланд, верзијата со диск сега чини 950 новозеландски долари, скок од претходните 900.
Интересно е што Sony истовремено ја намалува цената на дополнителниот Blu-ray диск драјв. Во Европа, неговата цена се намалува од 120 на 80 евра, а во Велика Британија од 100 на 70 фунти. Новите цени за конзолите стапуваат на сила веднаш.