Grounded 2, долгоочекуваното продолжение на хит играта за преживување од Obsidian Entertainment, неодамна пристигна со ветување дека ќе го надгради секој аспект од својот претходник. Префрлајќи се на визуелно-импресивниот Unreal Engine 5, насловот не само што ветува забележителен визуелен скок, туку и значително проширување на светот и механиките кои го направија оригиналот толку уникатен и, со самото тоа, сакан. Приказната во Grounded 2 одново ги враќа познатите четири тинејџери, но две години подоцна, во 1992 година. Сега, малку постари и поискусни, тие повторно се соочуваат со минијатуризација, но овој пат нивното игралиште не е двор, туку огромниот парк Брукхолоу, носејќи со себе двојно поголеми закани и длабоки мистерии.

Развиена во соработка со Eidos-Montréal и издадена од Xbox Game Studios, играта веќе плови низ водите на раниот пристап од 29 јули 2025 година, достапна за Xbox Series X/S и PC.
Кога светот се намалува, авантурата расте
Најголемата промена во Grounded 2 е несомнено самата локација. Паркот Брукхолоу е колосален амбиент, приближно трипати поголем од целиот свет на првата игра. Оваа огромна површина не е само празен простор, туку е исполнета со разновидни и уникатни биоми – од подземни мрежи на инсекти и токсични пустелии, до замрзнати предели создадени од, погодувате, превртен камион за сладолед. Од перспектива на мравка, секојдневните предмети како фрлени грицки или канти за отпадоци се претвораат во монументални структури кои го дефинираат пејзажот.

Оваа промена на размерот е фундаментална за шармот на играта, претворајќи го обичниот парк во дива и неистражена граница која, благодарение на перспективата, се истакнува како целосно нов и на моменти, надреален свет. Проширувањето на светот не е само естетска одлука туку и директен одговор на една од најбараните функции од заедницата – можноста за јавање инсекти. Развивачите објаснија дека создавањето на многу поголема и поотворена мапа било неопходно за правилно да се интегрира оваа механика, што покажува дека дизајнот на светот е длабоко поврзан со еволуцијата на гејмплејот.

Изработка, борба и бази
Основните механики на преживување се враќаат, но со значителни подобрувања. Управувањето со глад и жед е присутно, но системот за изработка е усовршен за да понуди подлабоко и поинтуитивно искуство. Анализата на ресурси останува клучна за отклучување нови рецепти, создавајќи задоволувачки циклус на истражување, откривање и создавање. Едно од најголемите подобрувања е воведувањето на Omni-Tool, мултифункционална алатка која ги комбинира секирата, чеканот и лопатата, со што значително се намалува нередот во инвентарот и ефикасно се рационализира собирањето ресурси.

Борбата е исто така надградена, особено благодарение на можноста за вешто избегнување напади, при што се внесува поголема динамика и стратегија во секоја средба. Наместо фиксни класи, Grounded 2 воведува флексибилен систем на архетипови. Имено, вашата улога се дефинира преку опремата што ја носите и мутациите што ги активирате, овозможувајќи ви да го менувате стилот на игра во секое време. Изградбата на бази е подеднакво длабока, но играта ве потсетува дека ниедно место не е целосно безбедно, принудувајќи ве постојано да размислувате за одбраната.

Јавање инсекти
Една од најочекуваните новини е системот за поврзан со одгледување, тренирање и јавање инсекти. Оваа функција е интегрирана во секој аспект на играта. Па така, вашите инсекти можат да ви помагаат во борба, да собираат материјали наместо вас и да носат тешки товари при изградба на база. Во раниот пристап на играта, достапни се црвената мравка која специјализира за собирање ресурси, како и пајакот, кој е, патем, одличен борец. Овие суштества не се само алатки, туку и, како што кажавме, придружници. Можноста да ги изведете од јајца и да се грижите за нив создава емоционална врска, а фактот што не можат трајно да умрат ве охрабрува да се потпрете на нив во најопасните ситуации. А, верувајте, опасни ситуации има за извоз!

Заедничката авантура
Наративот во Grounded 2 е значително поамбициозен од првата игра, со приказната која се фокусира на корпоративен заговор поврзан со компанијата Ominent. Новата, мистериозна закана учи од вашите постапки и станува сè поприсутна како што подлабоко навлегувате во тајните на паркот, создавајќи постојано чувство на напнатост. Сите клучни механики се одлично изведени. Иако се работи за игра на која допрва ќе се работи, Grounded 2 е импресивен наслов кој никако не би требало да се потцени, особено со пријател-два.

За оние кои сакаат да ја споделат личната авантура, мултиплеер искуството е револуционизирано со воведувањето на таканаречени споделени светови. Благодарение на ова, световите се зачувуваат во облакот, овозможувајќи им на сите да им пристапат и да играат во секое време, без разлика дали оригиналниот домаќин е онлајн. Со целосното елиминирање на проблемот со чекање на пријателите, соработката станува полесна и пофлексибилна од кога било досега.

Поголема и похрабра авантура
Иако Grounded 2 е во ран пристап и се соочува со очекувани технички предизвици поврзани со транзицијата кон Unreal Engine 5, неговиот потенцијал е огромен. Со трипати поголем свет, фундаментално променет гејмплеј благодарение на системот за јавање инсекти, подлабоки механики за преживување и револуционерен пристап кон мултиплеер, играта се позиционира како вистински наследник кој го надградува оригиналот на секој можен начин. Grounded 2 е на добар пат да стане не само одлично продолжение, туку и еден од најистакнатите наслови во жанрот на игри за преживување.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Obsidian Entertainment, Eidos-Montréal
- Издава: :Xbox Game Studios
- Жанр: survival
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 29 јули 2025