Поранешниот директор, а сега претседател на бордот во Google, Ерик Шмит, за време на сослушување од страна на американскиот Kомитет за анти-компетитивност изјави дека говорниот асистент на Apple, Siri, претставува сериозна закана за Google на пазарот за пребарување. Според Ерик Шмит, Apple има започнато сосема нов пристап кон технологијата за пребарување, напоменувајќи дека Siri е еден од најзначајните скорешни иновации во пребарување.
Google моментално е под истрага за злоупотребување на својата моќ и доминантност во онлајн пребарувањето. Изјавата на г. Шмит се смета како обид да се минимизира доминантната положба на Google, и со тоа да го негира монополот врз онлајн пребарувањето. Минатиот месец тој изјави дека Apple и Facebook не претставуваат сериозна конкуренција, додека на последното сослушување ја повлече оваа изјава, нагласувајќи дека Siri претставува значаен развој во пребарувањето.
Веројатноста дека Siri може да биде сериозна конкуренција на Google е мала, но не и нереална. Говорниот асистент на Apple зависи од надворешни веб пребарувачи за да ги понуди барани резултати, бидејќи нема сопствен веб пребарувач. Моменталнo, стандaрдниот веб пребарувач кој го користи Siri е Google, па оттука поголемиот број од бараните резултати кои ги дава говорниот асистент доаѓаат директно од Google, иако корисниците имаат можност да одберат друг стандарден веб пребарувач.
Интересно за Siri е тоа што не се потпира целосно на Google, користејќи резултати и од сервисите Yelp и Wolfram Alpha. Доколку преку Siri се пребаруваат информации за места, говорниот асистент го користи сервисот Yelp, a доколку се пребаруваат поматематички информации, како на пример мерни единици, резултатите се влечат од Wolfram Alpha.
Siri би можел да стане конкурентен на Google, доколку раскине со веб пребарувачот и започне да користи свој или некој друг веб пребарувач. Google моментално убедливо води на пазарот за веб пребарување преку мобилни уреди, меѓутоа според comScore, скоро 60 отсто од овие пребарувања доаѓаат преку оперативниот систем на Apple, iOS. Google би можел да ја изгуби мобилната доминантност доколку Apple се откаже од неговите услуги.







