0 коментари 2 мин. читање

Google го победи Oracle: API-јата на Java не се заштитени со авторски права

Оracle нема да добие оштета од една милијарди долари бидејќи судот од Калифорнија пресуди во корист на Google, велејќи дека API-јата на програмскиот јазик Java кои ги користеше Google за Android не можат да се заштитат со авторски права.

Oracle во својата тужба вели дека Google морал да плати лиценца за користење на Java API-ја. Но, според судот, 37-те API интерфејси на Java кои ги користи Google за Android се 97 отсто преработени и се водат како слободно користење. Google не морал да побара дозвола од Оracle, ниту пак од Sun Microsystems (креатор на Java кој беше купен од Oracle).

„Ако го прифатиме тврдењето на Oracle тогаш ќе дозволиме на билокој да си заштити една верзија на код кој спроведува одредени команди и од тука да им забрани на другите да напишат нивна различна верзија на кодот кој ги спроведува сите или дел од тие команди.“, вели судијата Вилијам Алсуп кој има и претходно програмерско познавање.

Но, тој додаде и дека ова не значи дека Java e слободна за секој да ја користи, туку Google ги користел деловите кои се бесплатни и за кои не треба лиценца. За Google оваа одлука е добредојдена бидејќи го отстранува притисокот да плаќаат за Android кој веќе се користи на над 300 милиони паметни телефони. За Oracle битката не е завршена. Вели ќе поднесе жалба против одлуката.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Мени
Заедница
Изглед
To top