Деновите за онлајн ширење на тероризмот можеби се при крај, откако најголемите компании започнаа соработка за да се справат со овие содржини. Facebook, Microsoft, Twitter и Google се здружија за да се справат со онлајн регрутирањето.
„На нашите сервиси нема простор за промовирање на тероризмот. Кога ќе добиеме пријава, веднаш ќе преземаме мерки за отстранување на ваквите содржини во согласност со нашата политика.“, велат компаниите во заедничко соопштение.
Отсега компаниите ќе ги споделуваат помеѓу себе дигиталните отпечатоци на видета и сликите кои ги споделуваат терористите. Овие насилни содржини се користат за заплашување и регрутирање. Со оваа соработка постои можност да се отстрануваат од сите платформи заедно. Соработката во иднина ќе биде отворена и за други компании, кои ќе можат да ги споделуваат податоците. Одржувањето на базата на податоци е во рацете на Facebook, а сите учесници ќе можат да додаваат содржина. Одбележувањата од владите нема веднаш да бидат додавани во базите туку ќе бидат првин разгледувани од компаниите.
Сепак иако креирањето на единствена база на податоци е заедничко нешто, примената на истата е различна. Секоја компанија го задржува правото самостојно да може да одлучи дали постот ги прекршува правилата и дали ќе го отстранат.