Битола има нов простор во кој може да одите и да пронајдете соговорник и на најневообичаените теми. Настаните и средбите ќе ги организира Game Developers Hive и ќе се одржуваат секој вторник и четврток.
„Идејата е дружбата да е неформална – после работа (затоа се отвара во 17:00). Ќе има нешто пијалок, грицки, и може да дојде кој сака, кога сака. За секоја средба, околу 19:00 планираме да има до 45-минутно предавање на разни теми: програмирање, електроника, моделирање, цртање, астрофизика и сѐ друго интересно – генерално работи за кои не се муабети секојдневно. После предавањето ќе имаме прашања, и дружбата може да продолжи до 21:00.“, вели Петар Котевски, еден од организаторите на средбите и основач на МАГДА.
Првите средби треба да започнат веќе од следнинот четврток. Првата тема ќе биде електроника – како да се направи custom појачало; да се поврзе со мобилен и со стари звучници и тоа под 10 евра. Серијата за електроника не завршува тука, туку се планирани серија предавања „Електроника под 10 евра“. Предавач и модератор на темите за електроника е Баже Стојчевски.
„Зборуваме за ова веќе неколку месеци. Планираме проекции на филмови од интерес на групата што ќе се движи таму, понатаму да организираме гостувања и секако да се потрудиме средбиве да станат редовни.“, додава г. Котевски.