Секоја година првата половина на јуни е омилен период за гејминг фанатиците. Лос Анџелес е домаќин на најголемиот саем за видеоигри и секој или речиси секој поголем издавач или девелопер е присутен на саемот. Издавач за кој навикнавме да недостасува е Blizzard, но оваа година по долго време во халата ќе недостасува и производителот на најпопуларната конзола, PlayStation. За среќа имаше доволно игри, а и беа претставени доволно ексклузивни наслови за да не се почувствува отсуството на Sony. Секако Sony не беше присутен на „Big 3“-делот кој овојпат ќе биде составен само од две компании. Добра вест е дека има повеќе најави и трејлери за и оваа година да имаме најава за одлична гејмерска година.
Cyberpunk 2077
По повеќе години најави, демоа и презентации, креаторот на веројатно најдобрата RPG игра од 2000, Witcher 3, најави дека Cyberpunk 2077 ќе биде достапна од 16 април 2020 година.
Baldur’s Gate III
Кога веќе сме кај легендарни RPG игри, ниту една сериозна дискусија за овој жанр не може да помине без барем да се спомене Baldur’s Gate. Играта е базирана на Forgotten Realms светот од Dungeons and Dragons и секако има одземено повеќе месеци од животот на голем дел гејмери. На Е3 креаторот на Divinity, Larian Studios објави дека веќе работат на следното продолжение, Baldur’s Gate III.
The Legend of Zelda: Breath of the Wild 2
Zelda е веројатно еден од неколкуте наслови без кој Nintendo немаше да биде она што е денес. Секако Super Mario е главниот јунак на конзолата, но најавите за Zelda некако секогаш го „крадат“ шоуто. Така е и оваа година. Nintendo го претстави продолжението на Legend of Zelda: Breath of the Wild. Најавата е изненадување, и видеото не открива премногу за насловот.
Final Fantasy VII (Remake)
Final Fantasy VII секако не е нова игра, но откако Sony најави дека ќе прави римејк на играта играчите се „загреаја“ за идејата повторно да се дружат со Sephirot, Barret, Tifa и секако со Cloud. Иако „кастингот“ е ист, играта сега има сосем поинаков, современ начин на играње во кој можат да уживаат и играчите кои не се љубители на JRPG.
Death Stranding
Љубителите на PlayStation можеа да видат доволно игри за конзолата да не мора да се грижат за тоа што се случува во Sony. Во речиси фотореалистичната фантастика Death Stranding, играчите во улога на Сем (Норман Ридус од Walking Dead) треба да победат куп фракции и веројатно да ја обединат расцепканата Америка. Веројатно од видеото ќе може да препознаете куп актери кои го позајмуваат гласот, но и изгледот. Death Stranding доаѓа на PlayStation на 8 ноември.
Gears 5
И љубителите на другата конзола (Xbox) имаат причини за славје, Coalition претстави нов трејлер за Gears 5. Играта ексклузивно доаѓа на Xbox и PC. Microsoft веќе најави дека Windows 10 и Xbox ќе „си ги делат“ игрите, па ваков вид на ексклузивност не е изненадување. Новитет е дека за Gears 5 ќе има Terminator „crossover“, а играчите ќе може да играат со Терминатор или со Сара Конор. Играта излегува за неколку месеци и ќе биде достапна од 5 септември.
Halo Infinite
Иако веста дека и Halo беше претставена е одлична најава за гејмерите на Xbox, овојпат најавата е малку поболна и доаѓа со „добра вест / лоша вест“ сценарио. Добра вест е дека излегува нова Halo игра, лоша вест е дека доаѓа на крајот на 2020-та година. Добра вест е дека ќе имаме трејлер и на следниот Е3, иако ова можеби и не е добра вест…
Star Wars Jedi: Fallen Order
Мора да признаам дека сум огромен Star Wars фенбој, ама кога видеоигрите се во прашање, последните неколку се прилично лоши. Веројатно последниот наслов од Star Wars кој сакав да го играм е MMO, Old Republic. Тоа ќе остане непроменето и по Star Wars Jedi: Fallen Order.
Watch Dogs: Legion
Ubisoft го најави продолжението на Watch Dogs. Најавата е помалку будалеста и се чини дека серијалот тргнува во малку поинаква насока. Ова секако не значи дека Watch Dogs е лоша игра и дека нема да ја играте.
Microsoft Flight Simulator
Добри вести за љубителите на летачките симулации, Microsoft го најави продолжението, или поточно следната верзија на популарниот Microsoft Flight Simulator. Играта изгледа неверојатно добро и деталите кои не недостасуваа ни во претходните верзии сега се уште поисполирани. Иако ова можеби е и очекувано со оглед на тоа дека од претходната игра се помината 13 години. Microsoft Flight Simulator доаѓа следната година.
Ori and the Will of the Wisps
Да не беше Cyberpunk 2077 веројатно ниту една игра немаше да биде ниту блиску до вториот дел на Ori. Видеото е неверојатно и се чини дека повторно ќе играме уште едно ремек-дело од креаторите на Ori and the Blind Forest. Колку и да изгледаше таа игра импресивно, ова е неколку чекори понатаму. Единствен недостаток на следната игра од Moon Studios е што излегува во 2020 година, но со оглед на тоа дека станува збор за инди-девелопер со помал тим, ова е сосем разбирливо.
The Outer Worlds
Играта треба да им се допаѓа на фановите на Fallout и серијата Firefly. Ова можеби и не е изненадување со оглед на тоа дека креатори на играта се Obsidian, кои се автори и на Fallout New Vegas. Дел од споредбите кои досега се најчести е New Vegas во вселена. Outer Worlds излегува на 25 октомври.
Mario & Sonic at the Olympic Games Tokyo 2020
Секако ниту еден E3 нема да биде завршен без Super Mario. Овојпат тоа е чудна олимписка видеоигра во која учествуваат Марио и Соник.