Уште е втора недела на мандатот на Доналд Трамп, а старо-новиот претседател не престанува да влијае на сите сектори. Секако технологијата не е исклучок. Трамп уште во првата недела најави неколку контроверзни чекори кои нема да им се допаднат на неговите критичари. Oна што се случува во оваа недела беше најавено уште во кампањата. Нерешениот статус на TikTok и натаму е во фокусот на медиумите, а тука се и повисоките царини, промените на неколку географски имиња, но и заканата од DeepSeek.
Трката за TikTok
Во свет кој го движат податоците и алгоритмите, не е изненадување што сите се заинтересирани за TikTok. Се чини дека заканата за целосна забрана е надмината, и сега се претвори во „војна на понуди“, привлекувајќи внимание од технолошки гиганти, милијардери и инвеститори кои се натпреваруваат да ја освојат американската филијала на ByteDance.
Аукцијата во оваа трка како да ја води самиот Трамп. „Голем интерес за TikTok.“ изјави тој за новинарите во претседателскиот авион.
„Ќе видиме што ќе се случи. Ако можеме да ги зачуваме сите гласови (креатори на содржини) и работни места, а Кина да не биде вклучена, тоа ќе биде победа.“
Но, приказната зад TikTok е далеку посложена од обичен технолошки договор. Microsoft, кој веќе поднесе понуда за TikTok во 2020 година, сега повторно е во игра, но не е единствен. Oracle, познат по својата блискост со републиканската администрација, размислува за заеднички договор со други американски инвеститори. Ова би му овозможило на ByteDance да задржи малцински удел. Дури и самиот Трамп запрашан за тоа дали Microsoft е во преговори за купување на ByteDance гранката во САД одговори потврдно.
„Би рекол дека се во игра. Има многу интерес за TikTok. Огромен интерес за TikTok“.
Интересот доаѓа од најнеочекувани места. YouTube сензацијата MrBeast, чие вистинско име е Џими Доналдсон, објави на платформата Х дека „би го купил TikTok за да не биде забранет“. Додаде дека „многу милијардери“ му се обратиле за да ја направат оваа идеја реалност. Дури и Project Liberty, иницијатива за интернет суверенитет предводена од милијардерот Френк МекКорт, изрази интерес. Иницијативата е поддржана од инвеститори како Кевин О’Лири, кој изјави дека „20 милијарди долари се на масата.“
Bloomberg објави дека ByteDance наводно разгледувала продажба на TikTok на извршниот директор на Tesla, Елон Маск. Додека ByteDance ги нарече овие тврдења „чиста фикција“.
Оваа трка, во суштина, е повеќе од само продажба на апликација. Станува збор за контрола врз највредниот ресурс на денешницата – податоците. TikTok е повеќе од платформа со видеа од танцување; тоа е платформа со алгоритми кои знаат повеќе за нас отколку што ние знаеме за себе. Можеби поради ова, но и купот податоци кои ги поседува платформата, не е изненадување што стартапот за вештачка интелигенција Perplexity AI веќе поднесе неколку понуди, вклучувајќи и понуда за спојување на Perplexity AI со TikTok.
Иднината на TikTok можеби ќе ја одлучи и глобалната борба за дигитална доминација.
Царини и технолошки сектор
Една од главните политики на Трамп во предизборието беше наметнување царини како средство за заштита на американската индустрија. Сега излезе со предлози за повисоки царини на полупроводници, фармацевтски производи, челик и други материјали.
Секретарот за финансии најави дека би бил задоволен со 2,5 отсто повисока глобална стапка. Сепак, претседателот замислува многу поголема бројка.
„Ако сакате да не плаќате даноци или царини ќе треба да ги изградите фабриките тука, во САД.“, Трамп им порача на сите производители.
Најавените царини на чипови се поклопија со растот на кинеската вештачка интелигенција DeepSeek. Стартапот успеа да го заобиколи недостатокот на напредни американски чипови преку оптимизација и минимални трошоци за развој.
„Објавувањето на DeepSeek вештачката интелигенција треба да биде повик за будење за нашата индустрија, да биде супер фокусирана и да победи во трката. Затоа што ги имаме најдобрите научници во светот, дури и кинеското раководство ми го потврди тоа. Велат, имате најбрилијантни научници во светот.“, вели Трамп во изјава која ја пренесе Bloomberg.
Од Заливот на Мексико до Заливот на Америка
Една од контроверзните одлуки на Трамп беше издавање на извршна наредба за преименување на Заливот на Мексико во Залив на Америка. Оваа промена веднаш се рефлектираше на Google Maps, каде што корисниците во САД започнаа да го гледаат новото име.
Ова преименување е ограничено на САД, глобалните корисници и Мексико продолжуваат да го гледаат оригиналното име. Одлуката покрена прашања за влијанието на политиката врз дигиталните платформи и нивната улога како алатки за пренесување на глобалните политички поместувања, пишува Quartz.
Во иднина промените на Google Maps ќе го опфатат и највисокиот врв во САД, Денали, кој наскоро ќе биде преименувам во Mount McKinley.







