Don’t Stop, Girlypop!: интензивен и пресметан хаос

во Вести

Don’t Stop, Girlypop! e енергичен хибрид кој релативно успешно ги спојува класичните boomer shooter механики со модерните системи за движење во арена опкружување. Доколку сте фанови на Doom игрите и барате брза и откачена експлозивна акција овозможена од трудољубиво, но мало инди студио, тогаш дефинитивно ќе ви се допадне основната филозофија на играта:

Стоење во место е еднакво на пораз

Don’t Stop, Girlypop! е FPS игра која се одликува со таканаречениот wave hopping систем. Се работи за софистицирана комбинација на неколку техники за движење како класични потскокнувања, нагли забрзувања, двојни скокови и удари од земја. На секое ваше излегување на терен имате за задача да постигнете и одржувате константна состојба на флуидно движење или flow. Играта директно ја наградува брзината преку уникатен систем на ризик и награда. Имено, колку побрзо се движите и колку поголем момент градите, толку поголема штета им нанесувате на непријателите. Иако се работи за инди игра, чувството на брзина и штетата која ја нанесувате знае да понуди неверојатна забава.

Самото движење во Don’t Stop, Girlypop! е нераскинливо поврзано и со преживувањето. Имено, доколку сакате далеку да стигнете и константно да го регенерирате здравјето, потребно е да сте брзи и агресивни. Споро напредување и трапави напади не ви го полнат здравјето; за да го обновите здравјето, мора да се впуштите директно во акцијата и да ја зголемите брзината. Ваквата комбинација од механики е солидно реализирана и пружа бројни моменти за незаборавно напредување и впечатливи битки.

Борбениот систем исто така е дизајниран да функционира симбиотски со движењето, со арсеналот на оружја кои нудат можности за алтернативни режими на пукање. Со оглед на тоа дека самите режими можат да се комбинираат меѓусебно, добивате синергија со која се создаваат комплексни верижни реакции, а и се освојуваат повисоки резултати преку системот за бодување.

Визуелниот идентитет на играта црпи силна инспирација од Y2K естетиката, а најзабавниот дел се огледа во опциите за персонализација. На располагање имате богати можности за менување на изгледот на вашите оружја и раце со различни материјали и додатоци. Иако се работи за едноставно нешто, како наметнување тексас материјал или прилепување декоративни пеперутки, сепак се додава специфичен стилски печат кој одлично се вклопува со целата естетика.

Don’t Stop, Girlypop! е солиден наслов кој би можел лесно да ги заинтригира љубителите на брзи FPS игри кои бараат уникатен предизвик. Проектот на студиото Funny Fintan Softworks, кој започнал како училишна задача, има еволуирано во сериозен наслов кој инсистира на вештина, брзи рефлекси и прецизност. Доколку сакате вртоглава акција во невообичаено опкружување и совладување на комплексни механики на движење тогаш оваа игра нуди освежувачки, иако интензивен, пристап кон жанрот.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments