0 коментари 6 мин. читање 8 септември, 2025

DAVY x JONES: Пиратска одмазда на уникатен начин

DAVY x JONES е акциона авантура која ветува дека ќе понуди свеж и оригинален пристап кон легендите за седумте мориња. Наместо класична приказна за лов на богатство, оваа игра нè фрла во надреален задгробен живот, ставајќи нè во улога на обезглавениот капетан Дејви Џонс. Овој концепт сам по себе е доволно интригантен за да го привлече вниманието, но играта се стреми да понуди и длабоки механики и уникатен свет кој ја истражува темната страна на пиратскиот фолклор. Наместо едноставна приказна за одмазда, играта поплочува пат за патување низ еден бизарен и фрагментиран пекол, каде што смртта е само почеток на една нова, морничава авантура.

Приказната започнува со крајот на животот на легендарниот пират Дејви Џонс. Предаден, ограбен и на крајот обезглавен од неговиот вечен непријател, Дејви тој тоне во The Locker – метафизички простор кој служи како задгробен живот за морнарите. Овој свет не е рај, туку фрагментиран пекол составен од девет острови кои лебдат на бескрајно море од облаци. Атмосферата е мрачна и надреална, населена со извртени суштества, проколнати души и митолошки чудовишта како моќниот Кракен, кои ги чуваат најмрачните тајни на подземјето. Вашата цел е да му помогнете на Дејви да си ги врати украдените артефакти и да се одмазди. Дизајнот на таканаречениот The Locker ветува визуелно впечатливи и разновидни локации, секоја со свои уникатни предизвици и непријатели, создавајќи чувство на истражување на еден непознат и опасен универзум.

Во DAVY x JONES имате драстична поделба на вашиот лик. Имено, од една страна, вие го контролирате моќното, но безгласно обезглавено тело на капетанот, додека, од друга, имате тврдоглав и зборлест череп, Дејви, кој функционира како автономен сојузник кој дава совети, коментари и служи како водич. Оваа бизарна соработка помеѓу телото и главата создава уникатна динамика која влијае и на борбата и на решавањето загатки.

Борбениот систем е изведен од перспектива во прво лице, со фокус на брза и интензивна акција. На располагање имате голема мобилност и вертикалност во дизајнот на нивоата, како и динамична комбинација од мечување, пукање со пиштоли и користење на кука за качување. Дополнителна длабочина во борбата носи иновативниот систем поврзан со фузии.

Секој поразен непријател остава зад себе нестабилна есенција од подземјето. Кога овие есенции ќе се спојат, тие формираат ковчег со вредна опрема, но истовремено ослободуваат непредвидливо и моќно суштество. Благодарение на ова, се создава постојан циклус на ризик и награда, принудувајќи ве да донесувате тактички одлуки по секоја битка.

Визуелниот стил на играта се потпира на мрачна и стилизирана естетика за да го долови надреалниот амбиент на пиратскиот пекол. Дизајнот на околината е имагинативен, со лебдечки острови, урнатини од бродови во облаците и морничави пејзажи кои ја отсликуваат проколнатата природа на The Locker. Од аспект на звукот, клучна улога има гласовната глума, особено монолозите на ироничниот череп, што е и главен извор на хумор и нарација.

Покрај уникатната соработка со сопствениот череп, нема да бидете целосно сами на ова патување. Во одреден момент се појавува Аби – колосално суштество, хибрид помеѓу брод и кит, која станува жив сојузник и мобилна база. Таа не само што служи како превозно средство низ облачното море, туку и како артилериска поддршка во битките, со можност за отклучување на разорни способности како што се топови. Покрај ова, ќе можете да регрутираат и легендарни офицери кои ќе станат дел од екипажот на Аби, допринесувајќи до дополнителни бонуси и вештини.

Системот на прогресија е врзан за растечката моќ на Дејви Џонс, кој со текот на времето ќе отклучува нови способности и ќе ја открива својата вистинска природа. Крајната цел, меѓутоа, не е само да се избега од The Locker, туку да се прифати темнината и самиот играч да стане олицетворение на ѓаволот – единствениот начин да се надмине овој проколнат свет.

DAVY x JONES e наслов кој вреди да го проверите, не само поради неговата мрачна и инвентивна интерпретација на пиратските митови, туку и поради храбриот дизајн на гејмплејот. Во време кога многу студија се плашат да ризикуваат, оваа игра нуди комбинација од уникатна наративна премиса, длабок борбен систем со елементи на ризик, и свет кој ветува дека ќе биде истовремено прекрасен и застрашувачки. Доколку сте уморни од клишеата и барате искуство кое ве предизвикува и како играчи и како истражувачи на непознати светови, DAVY x JONES има потенцијал да биде едно од најнезаборавните патувања во последните години.

Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top