Dauntless е одлична и, пред сè, бесплатна алтернатива на Monster Hunter серијалот. За кратко време, особено по транзицијата на Epic, играта собра орда од фанови. Тимот Phoenix Labs постојано ја надополнува играта и подготвува содржително надополнување за 16 јули.
Кога ќе стапи на сила, Fortune and Glory ќе донесе нов режим на ловење, уникатни награди кои ги купувате од нов лик, и нова сезона.
Новиот режим на ловење се вика Trials. Играчите ќе бидат принудени да ги покажат нивните ловечки способности со значително поопасни чудовишта и да се соочат со нови еколошки предизвици низ две, целосно нови мапи.
Наградите ги добивате во зависност од одбраната тежина. Па така, заиграјте со тимот на нормална тежина и ќе бидете наградувани со валутата Steel Marks (SM), a доколку се осмелите да загазите во поголема тежина, ќе добивате Gilded Marks (GM). Со оваа валута можете да пазарите во нова продавница, управувана од нов лик со име Лејди Лак. Доколку имате доволно SM, Лејди ќе ви продаде модификации за оружја и алтернативни специјални напади. Со значително повредните GM ќе можете да си се подновите со ексклузивни награди од козметичка природа кои се првенствено осмислени да ги рекламираат вашите напредни достигнувања. Кај Лејди ќе наидете и на ѕид на шампиони за соло или групни ловови. Ваквиот leaderboard ќе се ажурира секоја недела.
За крај, надополнувањето ќе ги отвори портите и на нова сезона. Наречена High Skies, сезоната ќе се одликува со две пропусници со нови и стилски содржини. Првата пропусница позајмува инспирација од пиратската тема и има 50 награди во форма на пијалаци со најразлични ефекти или козметички награди. Втората пропусница ќе следи по првата, односно во доцните стадиуми на летото.
Во ловот за повеќе информации, можете да се упатите и кон официјалниот сајт.