0 коментари 2 мин. читање

Coolest може да пропадне и покрај 13-те милиони долари соберени на Kickstarter

Ладилникот Coolest кој успеа да собере рекордни 13 милиони долари од Kickstarter, е блиску да стане нова краудфандинг катастрофа. Уредот кој освен што е пикник фрижидер е наполнет со куп забавна технологија, се соочи со непредвидени проблеми, а поради доцнењето неколкупати им се извинија на првите инвеститори.

Проблемот доаѓа поради штрајк на компанијата која ги произведува електричните мотори што се вградуваат во Coolest. Производителите на фрижидерот веќе ги известија поддржувачите дека работат на договор со нов производител на мотори, но поради ова фрижидерите ќе доцнат. Можеби поголемиот проблем е што производителот дури сега започнува да тестира нови електрични мотори. Сепак ова не е главната причина за нервозата на луѓето кои им ги доверија своите средства. Фрижидерите веќе се достапни на Amazon по цена од 500 долари, иако уште не им се испратени на луѓето кои во рана фаза се одлучија да инвестираат. Од Coolest велат дека имаат договор со Amazon кој мора да биде испочитуван, а средствата од оваа продажба ќе помогнат да ги исполнат своите обврски кон преостанатите поддржувачи.

Примерот на Coolest е одличен показател за проблемите кои треба да се надминат кога краудфандинг е во прашање. Краудфандинг е концепт на кој иновативна идеја се финансира од разновидни корисници на интернет кои добиваат награда според големината на инвестицијата која може да се движи од еден долар до стотици илјади. Најголем дел од проектите на Kickstarter не се од претприемачи кои имаат искуство, туку од луѓе кои имаат кул идеја. Без разлика што Kickstarter во правилата за користење се оградува од одговорност, платформата треба да понесе одговорност за идеи кои прибираат неколку милиони долари. Проблемот може да биде едноставно надминат со подобра селекција на производите или со совети за производителите кои ќе соберат многу повеќе средства отколку што се планирани.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Мени
Заедница
Изглед
To top