Се повеќе влади официјално ја одбиваат виртуелната валута биткоини како легитимно средство за плаќање. Кина и Тајланд целосно ги забранија биткоините, додека други, како Германија, и сега Норвешка, се решени да најдат начин како да ги оданочат дигиталните монети и да ги заштитат корисниците од можните загуби. За норвешкиот директор за даноци, Ханс Кристиан Холте, биткоините „не можат да бидат опфатени со вообичаената дефиниција за пари или валута“. Но, тие можат да бидат објаснети како продукт кој треба да биде оданочен според фискалните правила, вели г. Холте за Bloomberg.
Проблемот околу биткоините е што се децентрализирани виртуелни пари кои не можат да бидат регулирани и заштитени за инвеститорите; се анонимни и нивната вредност се менува постојано. Ако пред една година еден биткоин вредеше 12 долари, сега вреди околу 850 долари, а многу рани ентузијасти кои потрошија само десетици долари за да се вклучат во тргувањето со дигиталните монети, сега имаат богата заработка. Пример, норвежанецот Кристофер Колч потроши 26 долари за 5.000 биткоини уште во 2009-та година, кои денес вредат околу 886.000 долари. Според разните власти, овие добивки ќе треба да бидат оданочени.
Дополнителен удар за биткоините е и ставот на Европската банкарска асоцијација (EBA) која објави предупредување за ризиците со купување и тргување на виртуелните валути. За EBA корисниците „не се заштитени преку регулативите кога користат виртуелни валути“ и можат да ги изгубат своите пари, ниту пак може да се гарантира дека валутата
ќе си ја оддржи вредноста. EBA покрена дополнителна истрага околу можноста да се регулираат и нагледуваат виртуелните пари.