Bitcoin повторно е во фокусот на вниманието во САД. Овој пат причина е одлуката на федералниот судија Алисон Нејтан, од Окружниот суд во Њујорк. Судијата го одби повлекувањето на обвиненијата против обвинетиот, кој се бранеше дека не може да има илегална менувачница, бидејќи Bitcoin не се вистински пари.
Првично г. Мургио беше осомничен за хакерски упад во JP Morgan Chase, ETrade, и News Corp, но не е обвинет за овие напади. За несреќа обвинетиот е сопственик на Coin.mx, сервис преку кој добивале сомнителни трансакции. Сервисот се користел за трговија исклучиво со криптовалутата, па г. Мургио тврди дека не станува збор за пари, па така не може да биде обвинет.
„Bitcoin е парично средство во вистинска смисла на зборот. Можат да бидат прифатени во размена за роба и услуги, можат да бидат купени директно од берза или од банка. Поради тоа, функционираат како парични ресурси и се користат како средство за размена и средство за плаќање“, вели судијката Алисон Нејтан.
Дебатата во САД за тоа дали криптовалутите се парични средства или материјални добра не е завршена. Дел од судиите во различни случаи имаат различно мислење. Даночната служба IRS, ги смета крипто-валутите за материјални добра, па така и ги даночи, објаснува ArsTechnica.
„Тоа што IRS ја третира криптовалутата како материјално добро, не прави разлика во случајот. Всушност и IRS точно забележува дека ова се однесува на американски даноци од трансакции или трансакции кои користат конвертибилни виртуелни валути.“, додава судијката.