IBM наскоро на своите бизнис клиенти ќе им продава уреди од Apple со преинсталиран бизнис софтвер. Ова е дел од големата соработка помеѓу двата технолошки гиганти – претходно ривали – кои се договорија да развиваат бизнис апликации кои ќе ги користат технологиите за сурови податоци на IBM, и eдноставниот дизајн и аналитичките можности на iPhone и iPad.
Партнерството ќе го „редифинира начинот како ги завршуваме работите, ќе ги реши проблемите со мобилност на индустријата и ќе започне мобилни промени во бизнисот“, вели Apple. Најавени се над 100 бизнис решенија, меѓу кои апликации развиени од нула со специфични намени за бизнисите; IBM ќе го оптимизира својот облак за iOS, вклучувајќи менаџмент на уреди, мобилна интеграција и безбедност; и ќе се направи нов AppleCare сервис за бизнисите. Првите апликации ќе се појават во 2015-та година.
Според директорот на Apple, Тим Кук, партнерството ги здружува златните стандарди во индустријата – IBM за соработка со бизнисите и Apple за дизајн – но, нема да има преклопување меѓу двете компании, туку „ќе се користи најдоброто од двете“. Се чини дека и двете компании имаат само придобивки од зделката. IBM ќе го искористи уникатниот дизајн и популарностa на Apple за да ја зголеми продуктивноста на бизнисите, а Apple ќе влезе на големи врата на огромен пазар со потенцијал, наместо да работи само со индивидуалните купувачи на продукти. Заедно двете компании ќе бидат сериозна конкуренција на Microsoft и Google кои имаат добри соработки со бизнисите.
Двете компании пред 30 години беа лути ривали на пазарот на PC компјутери. Apple дури и ги нападна IBM со култната реклама за Macintosh, но, г. Кук, кој работеше во IBM пред да се пресели во Apple, и да стане директор на компанијата, вели дека „во 1984-та бевме ривали, но во 2014-та година нема да најдете две компании кои се надополнуваат подобро“.