Google I/O е најголем настан кој се однесува на Android девелоперите. Компанијата на овој настан вообичаено ја покажува иднината на Android и уредите околу овој оперативен систем. Годинава не е исклучок и повторно има доволно технологија која ќе се анализира во следните месеци.
Android P
Последните неколку надградби на оперативниот систем не беа преголема промена. Новиот Android P сепак е значително поголема надградба од претходните.
Фокусот овој пат е на користењето на телефонот. Идејата на Google сега е да ни помогне да го користиме телефонот помалку, или барем поквалитетно. Корисниците ќе имаат сосем нов „dashboard“ на кој ќе може да видат како и колку време поминуваат на апликациите на телефонот. Изгледа дека Google и порано ги имаше овие податоци, но сега увид ќе имаат и корисниците.
Дополнително, дел од новите функционалности ќе овозможуваат и детални податоци за тоа колку време корисникот минува на телефон; колку нотификации добива, график со дневното користење на апликациите, и детално користење за апликациите во текот на секој час. Корисникот ќе може да си одреди колку време сака да помине на некоја апликација. Ако го надмине овој период ќе добие известување дека го надминал лимитот. Секако нема да останете без можност да продолжите, но барем ќе знаете дека сте над лимит.
Бета тест верзијата на оперативниот систем е веќе достапна на 11 уреди. Засега името на „благцето“ кое ќе го позајми името на Android останува скриено.
Google Assistant
Асистентот на Google и досега беше далеку пред конкурентите, најверојатно под „налетот“ на Amazon со Alexa не е изненадување што Google продолжува да го подобрува.
Една од функционалностите која доаѓа е поприроден разговор. Повеќе не е потребно за секое активирање да се користи OK Google, наместо ова, разговорот е многу поприроден. Alexa веќе го овозможува ова, а наскоро истата функционалност доаѓа и на Google.
Една од интересните функционалности е што асистентот сега може да се користи и да ги научи децата на манири (иако да бидеме искрени, и ние возрасните може да повежбаме).
Google Duplex
Google Duplex всушност е дел од Google Assistant, сепак технологијата е толку импресивна што моравме да ја разделиме во посебен дел. Без сомневање ова беше најимпресивниот дел од презентацијата.
Google Duplex e резултат на долгогодишната инвестиција на Google во разбирање на говорот и сите проблеми кои машините би можеле да ги имаат со него.
Она што можевме да го видиме во најмала рака е импресивно. Асистентот без никаква помош успеа да се јави во фризерски салон и да договори термин за корисникот, без воопшто да се забележи дека станува збор за алгоритам/робот.
Google Duplex неверојатно многу потсетува на вештачка интелигенција од куп научно фантастични филмови. Можеби најимпресивната работа со Google Duplex е што е колку е добар, а сè уште е во развој.
Ако не сте импресионирани, обидете се дапогодите кој од двата соговорници е робот, а кој човек во разговорот.
Smart Compose на Gmail
Smart Compose е функционалност која ќе биде достапна на Gmail. Повторно е овозможена од напредокот на вештачката интелигенција, а овозможува додавање и предлагање на фрази.
Корисникот може да започне да пишува, да притисне „Tab“ и да одбере од листата на предложени фрази. Ова не само што ќе ја забрза работата, туку ќе помогне и со печатните и граматичките грешки.

https://9to5google.com/2018/05/08/gmails-latest-machine-learning-feature-is-smart-compose-to-autocomplete-messages/
Ова секако не е сè од конференцијата на Google, па кој беше вашиот омилен момент?