0 коментари 6 мин. читање

Викенд дружба со Potion Shop Simulator, Siren’s Call: Escape Velocity и Augmented Empire

Нов викенд пред нас и нови игри со кои би можеле да поминеме квалитетно време. Овојпат, ви препорачуваме да правите и продавате корисни магични пијалаци во преубав фантазиски свет, да навлезете во незаборавен визуелен роман со надреална и емотивна приказна поврзана со созревање, како и да започнете серија од turn-based битки во невообичаен киберпанк свет.

Potion Shop Simulator: тревки, пијалаци и ценкање

Зошто да ја играте?

  • Подготовка на магични пијалаци користејќи ги четирите класични елементи
  • Секојдневните операции во вашата продавница, вклучувајќи продажба на магични пијалаци, управување со залихи и ракување со финансии, неисклучувајќи и пазарење со клиентите
  • Кооперативно играње каде се делат задачите како што се градинарство, собирање состојки, подготовка на магични пијалаци и водење на продавницата

Potion Shop Simulator нуди уникатна комбинација од симулација поврзана со алхемија и управување со бизнис. Како резултата, добивате впечатливо искуство каде, од една страна, мора да ја совладате уметноста на создавање магични пијалаци, а, од друга, да се справувате со компликациите кои произлегуваат од управувањето со успешна продавница. Оваа комбинација создава задоволувачки циклус на играње, каде што експериментирањето со рецепти за магични пијалаци е избалансирано со стратешки финансиски одлуки. Вклучувањето на кооперативен режим дополнително го збогатува искуството, овозможувајќи ви да поминувате низ магичното искуство со уште еден пријатели и заедничи да соработуваат во изградбата им на вашата империја заснована на магични пијалаци.

Магични профити

Како што напоменавме, Во Potion Shop Simulator ќе наидете на релаксирачко искуство кое релативно успешно комбинира елементи на симулација и стратегија во едно средновековно/ фантазиско оптружување. Играта ве става во улога на новодипломиран алхемичар и ви наметнува задача да управува со продавница за магични пијалаци на периферијата на магично кралство.

За брзо време, ќе започнете со подготовка на магични пијалаци користејќи ги четирите класични елементи: оган, вода, воздух и земја, експериментирајќи со разни комбинации за да ги задоволите потребите на вашите клиенти. За да имате клиенти, меѓутоа, ќе биде потребно стратешко управување со вашата продавница, продавајќи пијалаци, управувајќи со залихите и ракувајќи со финансиите. при секоја интеракција имате можност за пазарење, со што би можеле да дојдете до потенцијално повисоки профити. Но, оваа пазарење е меч со две острици затоа понекогаш се случува да продадете под пазарната вредност. Штом присоберете некој денар, ќе можете да ја уредувате, односно надградувате вашата продавница, зголемувајќи ја продуктивноста и привлекувајќи поширок спектар од захтевни клиенти.

Кооперативниот режим е одличен за заедничка работа во продавницата, при што вие можете да работите едно, а пријателот – друго, засебно специјализирајќи во одредени обврски. Кога сме кај обврските, имате на располагање градинарство, собирање состојки, правење на магичните пијалаци, нивно поставување низ продавницата и, секако, нивното продавање. Сите овие обврски се релативно лесни за изведба и алудираат на фокус кој е врзан со релаксирачки интеракции.

Надвор од вашата продавница, ќе можете да прошетате низ средновековното село и да сретнете најразлично население кое е инспирирано од бројни фантазиски птиказни. Со некои од нив можете да поразговарате или да им помогнете со некои квестови, но не очекувајте некакви комплексни одности. Како и да е, доколку сте фанови на вакви игри, шансите се дека би биле прилично импресионирани од чедото на Pebbles Games и Bird Pals SIA.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Pebbles GamesBird Pals SIA
  • Издава: Pebbles Games
  • Жанр: симулација
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 5 март 2025

Siren’s Call: Escape Velocity: емотивно патување и лекција за созревање

Зошто да ја играте?

  •  Квалитетен 10 часовен визуелен роман со интересни завршетоци
  • Впечатливи цртежи и оригинална музичка подлога
  • Харизматични ликови кои нема да можете лесно да ги заборавите

Siren’s Call: Escape Velocity e дефинитивно издание на познатиот визуелен роман. Сместен во раните 2010-ти во Централна Флорида, романот нуди надреална и емотивна приказна поврзана со созревање и прифаќање неизбежни ситуации.

Со над 135.000 зборови, 70 цртежи, 22 целосно илустрирани CG-а и 10 часовна кампања, играта нуди впечатливо наративно искуство – приказна која е структурирана храбро да истражува теми за пријателство, загуба, но и анксиозност од растење. Често пати, пријатно бевме изненадени од силната наративна способност да пробуди во нас чувство на неизвесност и емоционална ранливост. Играта содржи два различни завршетоци, „нормален“ и „вистински“ завршеток.

Доколку успеете да го отклучите вториот, ќе бидете изложени на, според нас, повпечатлив крај. Живописните цртежи и бои се користат за да се создаде имерзивно и емотивно резонантно искуство. Експресивните дизајни на ликови и деталните средини придонесуваат до светла атмосферата, а саундтракот на играта, кој се состои од 20+ оригинални песни, квалитетно ги надополнува визуелните слики.

Siren’s Call: Escape Velocity нуди значително и емотивно наративно искуство, со имерзивни визуелни слики, евокативен саундтрак и истражување на сложени теми. Во случај да сте фанови на визуелни романи, ова лесно може да се препорача како задолжителна лектира!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: ThePenSword
  • Издава: ThePenSword
  • Жанр: роман
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 10 јануари 2025

Зошто да ја играте?

  • Впечатлива киберпанк приказна со квалитетна група од актери кои ги позајмуваат гласовите
  • Предизвикувачки тактички битки со запазување редови
  • Одлично демо кое ги прикажува најсилните точки во играта

Augmented Empire: Град на контрасти и тактичка борба

Augmented Empire e тактичка RPG игра која првично се појави на Oculus Quest. Полека, но сигурно, времето се приближува кога и PC гејмерите ќе може да се втурнат во подобрено киберпанк искуство. Иако играта излегува на 16 април, без проблем можете да го проверите демото за да видите дали најновата игра на Coatsink (Astronimo) е за вас!

Turn-based пресметки во дистописки универзум

Augmented Empire се труди амбициозно да имплементира дистописка приказна со стратешки гејмплеј механики кои се засновани на потези. Вие, како лидер на група отпадници, ќе имате за задача да се борите против корумпираната елита, нешто што апсолутно не е лесно, особено кога ќе земете во предвиде дека град е хирусшки поделен на различни класи. Со 26 мисии и 60 рачно изработени средини, играта ветува богат и комплексен свет за истражување.

Во моментот штом играта излезе, ќе добиете целосна контрола врз шест уникатни ликови. Секој од ликовите се одликува со различни способности кои се со надградлива природа. Се чини дека се посветува многу внимание не само на гејмплејот, туку и на приказната. За повпечатливо искуство во наративниот оддел, тимот соработува со квалитетна екипа од познати актери како Кејт Малгру, Ник Фрост и Гарик Хагон.

Верзијата за PC нуди подобрено искуство, како во поглед на графиката, така и во поглед на оптимазицијата. Пристапноста е дополнително разработена, нудејќи целосната поддршка за контролер. Демото навистина не е лошо и нуди одличен увид и во приказната и во предизвикувачките RPG механики, оставајќи не да се надеваме дека финалната верзија ќе биде со сличен квалитет.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Coatsink
  • ИздаваCoatsink
  • Жанр: тактичка RPG игра
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Ќе излезена на: 16 април 2025
Напишано од

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Коментари

Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.

Најави се и отвори тема

Напишаното ќе остане зачувано во овој прелистувач.

Мени
Заедница
Изглед
To top