Зошто да ја играте?
- Фанови сте на психолошки игри со минималистички, но впечатлив дизајн
- Уникатен визуелен стил и впечатлив дизајн на звук
- Заинтересирани сте за експериментални проекти со висока креативна вредност

Dreamcore е психолошка игра која ве потопува во вознемирувачката убавина на лиминалните простори. Чедото на Montraluz е дизајнирано за љубителите на атмосферска, нелинеарна игра, поканувајќи ве да истражувате огромни, меѓусебно поврзани нивоа каде што секој агол крие мистерија, а секоја патека води до откритие.
Лиминалните простори се празни или напуштени места кои изгледаат морничаво и надреално
Dreamcore, како што објаснуваат и самите автори, ја гради напнатоста преку мистериозната убавина и вознемирувачката тишина на своите лиминални простори. Со своите зрнести, сонливи визуелни ефекти инспирирани од добата на VHS касетите, Dreamcore ја доловува естетската мистерија од 1980-тите.
Од самото мени, Dreamcore ви дава избор: дали да потонете во вознемирувачката тишина на Dreampools, надреален лавиринт од ходници или да загребете под идиличниот мир на Eternal Suburbia, каде се крие вознемирувачка вистина? Ние одевме со Dreampools. И никако не се покајавме.

Ова е игра која е скоро невозможно да ја играте без (добри) слушалки. Уште на самиот почеток, за време на првата мапа, лутавме десетици минути низ лавиринтот од ходници и базени, само за да конечно се освестиме дека целта е да пробаме да го откриеме изворот на мелодијата. Или, барем, така мислиме дека треба. Господ знае што е поентата во Dreamcore. Она што дефинитивно знаеме е дека играта има висока уметничка вредност.
Од дизајнот на мапите па се од начинот на кој се прикажува камерата, универзумот во Dreamcore како да произлегол од длабочините на длабоко вознемирен, но крајно креативен ум. Местата во кои се движите делуваат крајно реалистични, само како да се снимаат со исклучително лоша камера, нешто што дополнително може да стане автентично преку филтрите за VHS снимка и CRT монитор (ако не знаете што значат овие две работи – блазе си ви – млади сте).

Местата во кои се наоѓате изгледаат како да се дизајнирани од лудак со многу слободно време и неограничен извор од пари
Алудирајќи на некој гол минимализам, местата во Dreamcore се апсолутно огромни, дозволувајќи ви или лесно да се изгубите или неутешно да се вртите во кругови. Следајќи ја мелодијата, по 30 минутно лутање конечно успеавме да дојдеме до изворот. А таму, не дочека батериска лампа. И работите станаа десеткратно вознемирувачки. Едноличната мелодија – која мислевме дека ќе не полуди – престана, оставајќи не да се чувствуваме исклучително ранливо.

Во поглед на аудио и видео дизајнот, има голема посвета на мали детали – го слушате ветрот како струи околу камерата додека трчате, видикот се привремено заматува кога ќе ја вклучите лампата, главата веродостојно се ниша при трчањето, се слуша зуењето на светлосните извори како поминувате покрај нив. Слична е ситуацијата и со дизајнот и со внимателното поставување на одредени елементи. По час играње, наидовме на првото столче во играта. Зошто тука столче и зошто баш сега? Која е целта, што сака играта да ни каже? Апсолутно ништо, но Dreamcore мајсторски прави да се сомневаме во секој наш чекор и целосно да ги преиспируваме работите.

Страшно е колко многу може памет да ви извадат и наједноставните работи во Dreamcore
Секое од двете нивоа во Dreamcore е самостојно искуство, нудејќи уникатна мешавина од истражување и атмосфера. Развојното студио Montraluz има започнато со Dreampools и Eternal Suburbia, но нови нивоа ќе бидат додадени со текот на времето. Овие нивоа, според играчите, бесплатно ќе ги добијат сите идни нивоа.

Кои се Montraluz?
Montraluz, независно студио за видео игри основано во Аргентина во 2023 година од страна на Валентин Ирибарен, го прави своето деби на сцената за видео игри со лансирањето на Dreamcore, нивниот прв официјален проект.Иако не сме фанови на хорор игри, не можевме никако да престанеме да ја играме Dreamcore

Повеќе детали за играта
- Произведува: Montraluz
- Издава: Tlön Industries
- Жанр: Walking simulator, психолошки хорор
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 23 јануари 2025







