Верувале или не, Skyrim излезе во 2011 година, а трејлерот за Elder Scrolls VI дури во 2018 година. Ова е многу време без некаков новитет поврзан со една од најдобрите RPG игри. Како исклучително гладни за механиките поврзани со Skyrim, сосема случајно ја откривме Tainted Grail: The Fall of Avalon. Чедото на развојното студио Questline нуди феноменална алтернатива на Skyrim – игра од која се цеди богат лор, комплексни RPG механики, и огромен имерзивен свет. Најдоброто од сѐ? Играта е сеуште во раниот пристап на Steam!


Фантастична кампања
Кампањата започнува со прологот. Будејќи се во зандана, принудени сте да одговорите на неколку прашања кои ја дефинираат вашата класа и професија, односно дали би сакале да се посветите на војничка, волшебничка, или ловечка кариера. Тоа што ја почнувате играта во зандана не е единствената заедничка точка со Elder Scrolls. Напротив, уште во првите неколку минути ќе се прикрадувате и борите на начин кој многу потсетува на Skyrim. Ќе ги надградувате вештините во зависност од тоа колку ги користите, ќе собирате билки, храна, намирници, опрема, оружја и облека од буриња, вреќи, шкафчиња и тела на вашите тазе покосени непријатели. Ќе пронаоѓате и читате различни белешки и книги, отклучувајќи одредени рецепти и способности во зависност од тоа што ќе го прочитате. Ќе готвите јадење и пијалоци, ќе крафтате корисна опрема, ќе спиете во туѓи кревети и ред други работи. Ако нешто го има во Skyrim како механика, тогаш најверојатно го има и во Tainted Grail: The Fall of Avalon со подеднакво солидна изведба, ако не и подобра!

За брзо време си дозволивме да бидеме импресионирани од приказната. Не само од начинот на кој се реализирани квестовите, туку и од квалитетната глума и богатата ризница од лор кој го откривате преку бројни белешки и книги. Светот е преубаво и огромно место кое го истражувате пеш или на коњ. Можете да ја следите главната квест или пак да се изгубите во рандомното истражување на светот, откривање пештери, замоци, зандани или изолирани куќи. Огромно внимание и знаење е посветено и на дизајнот на светот и често ќе наидувате на интересни контрасти помеѓу тесни, клаустофобични простори и огромни епски пространства кои ќе ве принудат да се чувствувате како мува на прозорец од катедрала. Светот нуди прекрасни и уникатни богатства кои преколуваат да бидат пронајдени, но по цена. Ако мислевте дека ова е лесна игра низ која ќе пролетите со безглаво hack-and-slash штракање, тогаш ве очекува често умирање.

До каде е играта?
Моментно, кампањата се одликува со два чина. Секој од нив е со времетраење од 10 до 15 часа.
Неодамна излезеното надополнување врши забележителни исправки, промени и надополнувања во скоро сите аспекти поврзани за играта.
Повеќе можете да прочитате тука!
Песната на челикот и магиите
Битките се значително позадоволителни. Секојпат кога ќе се одбраните баш пред непријателскиот удар, значително им ја цедите кондицијата, оставајќи ги зашеметени и дезориентирани. Паралелно со ова, поседувате и моќ за драстично успорување на времето – Temporal Hold. Оваа способност се брзо троши, но и лесно се обновува (преку елиминирање непријатели). За брзо време сфативме дека здрава комбинација од parry, избегнување напади и активирање temporal hold строго се препорачува. Во спротивно, не би стигнале далеку во играва. Овие три работи се одлично избалансирани. Имено, и бранењето и избегнувањето троши кондиција и често се бара од вас да се правилно ориентирате и да комбинирате различни напади и способности, со дополнителна помош од најразлични пијалаци и реликти.

Независно од тоа дали користите студени оружја или магии, независно од тоа дали одите со блиски пресметки, или пак специјализирате во ликвидации од далечина, чувството е феноменално. Употребата на студените оружја, повикување, одржување и насочување на магиите се ретко-виден визуелен спектакл. Во неколку наврати, се потенцира дека на играта работи мало инди студио кое не тежнее да понуди ист квалитет како ААА игрите. Но, откако целосно ќе ја искусите убавината на битките и длабокиот предизвик на непријателите, лесно би можеле да помислите дека Tainted Grail: The Fall of Avalon успева во многу работи во кои многу ААА игри потфрлуваат. И по еден час, и по дваесет часа, битките оставаат впечаток на свежо, забавно и непредвидливо искуство.

Кога не се борите, по потреба, можете да поставите огин. Покрај него, ќе можете да готвите, правите алхемиски пијалаци, идентификувате предмети, или да активирате брзо патување низ светот. Секој пат кога ќе се зголеми вашиот левел, огинот ќе ви дозволи да зголемите статистички поени или пак да отклучите вештини. Дополнително, доколку решите да фрлите во огинот етеричка пајажина, ќе успеете да го засилите огинот. Оваа мистично гориво ве штити од Wyrness и ви дозволува да спиете безбедно преку ноќ. Wyrness е нешто за што ништо не ви кажуваме! Оставаме на вас да дознаете! :)
Покрај разнолики квестови полни со внимателно напишани дијалози, ќе можете и да градите кариера како лопов, да се занимавате со риболов, да собирате најразлични намирници со кои правите и продавате пијалаци, и ред други работи.

Во поглед на надградбите, можете да се надградувате во пет категории: сила, издржливост, умешност, духовност, и перцепција. За жал, скоро сите „вештини“ кои се нудат низ овие категории само ви дозволуваат статистички да зголемите одредени акции, како повисоки шанси за критични удари, побрзо правење ова, појако правење она. Ова е една од ретките ситуации во Tainted Grail: The Fall of Avalon која не остави благо разочарани. Едноставно не сме фанови на вакви мрзеливи системи преку кои само полека, етапно и неинспиративно се зголемува ефикасноста на одредени активности. И тогаш, од менито Skills скокнавме на менито Stats само за да видиме уште можности за трошење поени на статистичко зголемување способности во оддели како, погодувате, сила, издржливост, умешност, духовност, перцепција и, овојпат и практичност.

Потенцијал за една од најдобрите инди RPG игри
Под услов да тимот продолжи со исто темпо да работи на играта, Tainted Grail: The Fall of Avalon лесно би можела да прерасне во една од најдобрите RPG игри. Со силна инспирација од Skyrim во едни аспекти, а од Elder Ring во други, оваа игра пружа уникатно и незаборавна забава. Се надеваме дека успеавме барем малку да ве заинтригираме со играта и, ако ништо друго, дека ве убедивме барем да го проверите одличното демо. Tainted Grail: The Fall of Avalon има прекрасен свет полн со впечатливи квестови и длабок систем за истражување и битки. Студиото Questline држи во рацете моќен наслов со магичен потенцијал. Со нетрпение ги исчекуваме сите идни надополнувања за да видиме каква форма ќе заземе играта во иднина.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Questline
- Издава: Awaken Realms
- Жанр: авантура, RPG
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 30 март 2023
Коментари
Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.