Guayota е преубава, но крајно предизвикувачка игра

На кратко за Guayota:

  • Одлична графика која вешто го прикажува танцот на светлината и сенките
  • Оригинални и паметно-осмислени загатки ретко видени во некоја друга игра
  • Креативен дизајн и уникатен приказ на два впечатливи светови
  • Феноменална музичка подлога
  • Солидно оптимизирана игра

Пред месец дена, ја имавме честа да поразговараме со шпанското студио Team Delusion за нивната игра Guayota. Овојпат ја имаме честа да пренесеме дел од нашите впечатоци за играта која конечно излезе на 13 август. Guayota е инди игра со преубава графика и предизвикувачки загатки.

Играта е силно инспирирана од легенди поврзани со Канарските Острови и митологијата која е поврзана со Guanches. Guayota обработува приказна поврзана за група истражувачи кои се испратени од Шпанското Кралство да го пронајдат легендарниот остров Свети Брендан. Но, за брзо време дознавате дека островот е рај само на хартија, а она што се крие под површината е вознемирувачка колекција од мрачни тајни.

Разгорување на пламенот на мудроста

Guayota се одликува со уникатен визуелен и наративен стил и ви дозволува да истражувате два целосно различни светови. Имено, како го истражувате секој храм, ќе наидете на два режима; едниот се вика Real World, а другиот – The Plane of Madness. До истината ќе дојдете само доколку вршите темелни истражувања и во двата. 

Guayota дефинитивно не е лесна игра и целосно се посветува на оние гејмери кои сакаат да решаваат предизвикувачки загатки. Во ниеден момент ништо не ве држи за рака; на вас се остава да ги откриете комплексните механики и, преку бројни форми на експериментирање, подлабоко да го истражите мракот на храмовите. Ова е впечаток со кој се здобивме уште во првите неколку минути во играта.

Guayota се одлукува со одлично демо

По краток вовед во приказната, Guayota ќе ви дозволува да навлезете во првиот храм. Оставајќи ве само со факел, ќе истражите преубава и разрушена средина во која единствена утеха е танцот на бројните мрачни сенки. За брзо време ќе сфатите дека светлината е драгоцена алатка која ги активира древните камења, отвора порти и ви дозволува да напредувате понатаму. Ѕидовите и далечината се вашите први непријатели. Ќе мора да внимавате светлината на мистериозните камења да е на вистинското место, а зраците правилно да ги осветлуваат древните клучеви.

Одредени симболи што ги гледате на земјата се од клучна важност. Тој златен и тој виолетов концентричен круг што ги гледате се симболите кои ги претставуваат двата свата во играта, односно вистинскиот свет и светот на лудилото.

И двата света се одликуваат со една иста мапа, но со целосно различна механика поврзана со делот со загатките. Овде се воведува и еден вид нелинеарност во понатамошното напредување. Имено, може да се случи да не успеете да ја решите загатката во вистинскиот свет. Во таа ситуација, можете да преминете во светот на лудилото и да пробате да ја решите загатката што е таму.

За напредување низ кампањата, доволно е да решите само една од загатките. Но, доколку потклекнете на раните предизвикани од бројните замки, тогаш автоматски се префрлувате во светот на лудилото. Тука, работите изгледаат и функционираат значително поразлично. Овде, не можете да умрете, но загатките се значително потешки.

Guayota е паметно осмислена игра која го заслужува вашето внимание, но само доколку сакате истражување мрачни места и константно решавање сѐ попредизвикувачки загатки. Доколку сте како нас, ќе бидете преплавени од комплекниот дизајн уште по првите десет минути и често ќе „тупкате“ од едно до друго место, неуспешно експериментирајќи де со една де со друга работа, надевајќи се дека барем на среќа ќе го откриете решението.

Да не нѐ разберете погрешно: има логика во загатките, голем дел од нив се поврзани со правилно поставување или насочување извори на светлина до одредени предмети. Проблемот е тоа што Guayota е паметна игра за паметни луѓе, а авторот на овој текст, иако можеше да го цени таквото нешто, не успеја да се вклопи во таквата група. Ова е двојно поточно во вториот дел од играта кога храмовите ќе станат уште позагадочни, полни со замки и уште понапредни системи кои бараат имплементирање со светлина, огини и ласери.

Многу работи во Guayota се направени со огромна љубов. Секој од храмовите е уникатно осмислен и пропратен со тематски музички нумери. Вреди да се спомене дека во еден свет се овозможени едни механики, а во друг свет – сосема други. На овој начин, вашата истрајност и напредување се наградува со пријатна свежина и разбивање на монотонијата.

Играта е одлично оптимизирана и без проблем може да се игра и на послабите конфигурации. Но, колку ќе успеете да ја играте зависи од вашата способност за логичко размислување. Потребно е голема љубов и уште поголем праг на толеранција. Доколку го имате ова, тогаш Guayota ќе се покаже како крајно оригинална игра со невообичаени концепти кои се ретко видени во некоја друга игра.


Повеќе детали за играта

  • Произведува: Team Delusion
  • Издава: Dear Villagers
  • Жанр: загатки
  • Платформа: Microsoft Windows, switch
  • Излезе на: 13 август 2024

Оценка

  • Вкупна оценка: 9.25
  • Приказна: 8
  • Гејмплеј: 10
  • Графика: 9
  • Звук и музика: 10

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk