Македонскиот стартап G6 Solutions, кои можеби ги знаете по сервисите како 0.мк, или поверојатно како добитници на 100.000 долари од Samsung за Crack Your Screen, успеаја да влезат во финалето на Shift Conference во Сплит. Овојпат конкурираат со нивната нова Black апликација за анонимни VoIP разговори измеѓу непознати корисници. Ваквите анонимни апликации се хит меѓу младите бидејќи нудат позабавни разговори, а често и искрени исповеди кои водат кон нови пријателства. Black е можеби поразлична од другите анонимни апликации за пораки, бидејќи нуди говорна комуникација, налик на анонимен Skype. Идејата, велат од G6, е дека ако „му дадеш маска на човекот, тогаш тој ќе ти ја каже вистината“.
„За идејата, иницијално не инспирираше филмот Her – за што имаме објавено и артикал на нашиот блог, но низ развојот од речиси пет месеци, идејата претрпе доста измени,“, вели Теодос Пејоски, еден од основачите на G6. „Моментално се работи паралелно на платформа наменета за девелопери што во своите апликации сакаат да имаат безбедна, но пред се анонимна комуникација, како и самата Black мобилна апликација – што претставува proof-of-concept за функционирањето на самата платформа, а и самата по себе има интересен момент т.е. анонимни исповеди“
Првото место во Сплит носи 5.000 долари, но тоа што е поважно е што конференцијата, закажана за 5-ти и 6-ти јуни, може да биде отскочна даска за регионалните стартапи, пример, ланскиот победник BellaBeat веќе собра околу 4,5 милиони долари инвестиција. Интересно, G6 на Shift се претставува како компанија од САД, иако е основана од македонски програмери. Причината за ова е што го таргетираат западниот пазар, веќе работат на формирање на тим за продажба и макреинг во САД, а развојниот тим ќе остане во Скопје, вели Теодос.
Коментари
6 коментари
Коментарите се затворени.