43 коментари 3 мин. читање

Латас на Time.mk: Не ни ја преземајте содржината, ниту рејтингот

Рејтинг. Тоа е се што треба да знаете пред да објасниме зошто национална телевизија најавува тужби против интернет агрегатор на вести. Повисок рејтинг значи помало бројче на листа и поголема гордост дека, ете, „ние сме меѓу најпосетуваните“ што ќе се продаде на маркетинг агенциите кои ќе донесат приходи.

Сител на своите вести го нападна Time.mk бидејќи Time.mk прикажува различни листи на најпопуларните сајтови во Македонија. Листите се според Alexa.com, сервис кој се користи за одредување на посетите на интернет. Но, проблемот со Alexa.com е што мери посети според две методи, според посети од корисници кои имаат инсталирано Alexa плагини, односно ако некој сајт се претплати на услугите на Alexa и се додаде скрипта на веб сајтот која мери посети. Рангирање според Alexa е неверодостојно бидејќи поголемиот дел од сајтови се мерат според корисниците кои имаат инсталирано тулбар. Дали вие имате инсталирано Alexa тулбар? За жал, тие два нерелевантни методи се причината зошто национална телевизија се бламира на своите вести, и зошто Time.mk направи две различни листи (еве го објаснувањето од Time.mk за листите и Alexa).

(Кому му е поголем рејтингот? Ова се контроверзните листи)

Ситуацијата со рејтингот од Alexa отиде до таму што водителот на вестите Драган Павловиќ- Латас се закани со тужби кон Time.mk. Тужбите секако не беа заради листите, туку заради прекршување на авторски права бидејќи, нели, Time.mk „презема вести“ од Сител и генерира „читаност“. Пишувам „презема вести“ бидејќи Сител се чини дека не го разбира концептот на линкање (нешто што е јадро на Вебот) и преземање (кога некој ќе ви копира содржина). Ако го слушате внимателно г. Латас, ќе сфатите дека тој малку разбира како работат агрегаторите на вести, или како што тој вели „генераторите“. Можеби г. Латас не знае што е Google Analytics бидејќи за тој сервис вели дека е јавно достапен, а всушност не е. Можете да го видите Google Analytics извештајот на IT.com.mk? Не, бидејќи само ние, веб сајтот, имаме пристап до него. Дополнително, г. Латас верува и дека листите на Time.mk се креирани од нив, а всушност се од Alexa.

[youtube]IGLIqllYU5o[/youtube]

Иако целава расправија се однесува за апсурден рејтинг на листа генерирана од Alexa, сепак си има подолги корени. Дебатата за авторските права се развлекува со години кога е во прашање Time.mk. Веќе неколку пати македонските медиуми се обидуваа да го натераат Time.mk да им плати за нивните содржини, некои дури и се тргнаа од агрегаторот, за подоцна да бидат вратени. И тогаш имаше закани со тужби, но сè уште нема никаква тужба против Time.mk. Причина за ова е бидејќи агрегаторите за вести не преземаат содржина, туку служат како еден вид специјален интернет пребарувач на вести. Основачот на Time.mk, Игор Трајковски, вели дека Сител ќе остане на Time.mk, но без текст, без слики, туку само со наслов и директен линк.Можеби е чиста случајност, но во моментов се води и расправа меѓу европските издавачи кои сакаат да му наплатат на Google што индексира вести.

Интересно, г. Латас во своето агресивно излагање, дури имаше и чудни споредби со кој правел што, го спомна новиот закон за медиуми. Тој вели дека овој закон ќе се справи со авторските права за интернет публикации, но земајќи во предвид дека г. Латас е ИТ-лаик, прашање е дали може да му веруваме на неговите убедувања за каков ќе биде законот кој сè уште не е подготвен, односно е во „драфт фаза“.

За новиот закон ќе има дебати сигурно, но за мерење според Alexa мислам дека таа дискусија треба да престане тука. Можеби најдобро е да се остави на аналитичарите Nielsen, кои веќе се влезени во Македонија, и на Gemius, кои се oчекуваат, да им дадат веродостоен увид на маркетинг агенциите. Иако и со овие две светски познати компании има проблем, бидејќи македонските сајтови ќе треба да се согласат да инсталираат нивен код кој ги мери посетите.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

43 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top