Во светот постојат голем број на интернет компании кои прават огромни приходи, вредат многу пари, а се стари само неколку месеци, или пак постојат неколку години, но дури во последните неколку месеци се имаат стекнато со огромна популарност и финансиска издржливост. Business Insider направи листа на највредните интернет компании кои во краток временски период имаат постигнато огромен успех, а со тоа и голема финансиска вредност. Еве дел од листата:
10. Instagram
Instagram е апликација за iPhone која им овозможува на корисниците на лесен начин да споделуваат фотографии меѓусебе. Благодарение на својот изум да се додаваат филтри на фотографиите, изум кој веќе е копиран од сите поголеми интернет компании, Instagram се проценува дека вреди 100 милиони долари, а постои помалку од година. Иако сè уште нема модел за приход, со своите девет милиони корисници Instagram го има привлечено вниманието на инвеститорите.
9. Beachmint
Beachmint е веб сајт за е-трговија кој всушност нуди производи и модни линии дизајнирани од познати личности. Компанијата која стартуваше на крајот од 2010 година неодамна успеа да собере инвестиција од 23,5 милиони долари, а се проценува дека вреди 150 милиони долари.
8. Flipboard
Flipboard е апликација за iPad која им овозможува на корисниците на лесен и едноставен начин да читаат разни веб содржини на таблет компјутерот на Apple. Апликацијата функционира така што собира содржини од друштвени мрежи и веб сајтови и ги сортира во форма на списание. Flipboard е прогласена за апликација на годината од страна на Apple, и се проценува дека вреди 200 милиони долари.
7. One Kings Lane
One Kings Lane е веб сајт за дневни попусти кои им овозможува на корисниците пристап до луксузна стока на попуст до 70 отсто. Веб сајтот дава минимум три понуди дневно, пет дена во неделата, а зачленувањето е бесплатно. One Kings Lane е основан во 2009 година, и се проценува дека вреди околу 440 милиони долари.
6. ZocDoc
ZocDoc е веб сајт кој овозможува во последен момент да се закаже лекарски преглед, без да мораат да се чека во ред. Покрај тоа што им ги намалува главоболките на пациентите, ZocDoc им овозможува на докторите и забаратие да ја зголемат својата видливост. ZocDoc постои веќе подолго време, поточно од 2007 година, а месечно има повеќе од 700.000 корисници. ZocDoc, како и голем број од интернет компаниите, функционира само во САД, и се проценува дека вреди 700 милиони долари.
5. Storm8
Storm8 е компанија која креира игри за iPhone, iPod Touch и Android уреди. Гигантот за друштвени игри Zyngа сакаше да ја купи оваа компанија меѓутоа цената беше преголема. Storm8 се проценува дека вреди една милијарда долари.
4. Spotify
Spotify е една од најбрзо растечките музички платформи, која постои од 2006 и која е многу популарна во Европа. Spotify функционира на претплата, овозможувајќи им на корисниците пристап до неколку милиони песни. Ова лето Spotify започна со работа и во САД, и до сега има собрано 2 милиони корисници. Се проценува дека вреди 1,1 милијарда долари.
3. Rovio
Rovio е компанија која произведува игри, основана во 2003 година, меѓутоа огромниот успех доаѓа по стартувањето на играта Angry Birds во 2009 година, постигнува огромен успех во последните две години. Rovio се проценува дека вреди 1,2 милијарди долари.
2. Airbnb
Airbnb е веб сајт кој им овозможува на корисниците да најдат место за краток престој било каде во светот. Стартуван во 2008 година, овој сервис веќе има огромен врој на корисници, и се проценува дека вреди 1,3 милијарди долари. И покрај големиот успех, компанијата има проблем со сигурноста, поточно неколку пати се има случено корисници да ги уништат апартманите во кои престојувале.
1. Dropbox
Dropbox е сервис кој на лесен и едноставен начин им овозможува на корисниците да закачуваат документи, фотографии, и видеа на облакот, без разлика каде се наоѓаат, и каков уред користат. Закачените содржини потоа лесно можат да се споделуваат со останати корисници. Dropbox има огромен пазар и затоа се проценува дека вреди околу 4 милијарди долари.







