Друштвената мрежа LinkedIn стартуваше нови подобрени верзии за своите Android и iOS апликации, како и нова HTML5 верзија за мобилните веб прелистувачи. Новата LinkedIn апликација е побрза, подруштвена, и корисничкиот интерфејс е далеку попривлечен. Новите апликации се дизајнирани да им овозможат на корисниците полесно и побрзо да дојдат до потребните информациите за нивните пријатели и компании кои ги следат.
Овој потег е одговор на сè поголемото користење на LinkedIn преку мобилните уреди. Според LinkedIn, бројот на мобилни корисници има пораснато за 400 отсто во последната година. Уште една причина за лансирање на нови подобрени апликации е LinkedIn да се дистанцира од конкурентите Facebook и Twitter. Новите LinkedIn апликации се состојат од четири главни опции: Updates, Inbox, You и Groups.
Опцијата Updates ви овозможува да ја следите активноста на вашите пријатели. Исто така ви овозможува да ги погледнете новостите од LinkedIn Today, новиот портал за вести на LinkedIn. Опцијата Inbox ги содржи сите пораки и LinkedIn покани. Опцијата You ви овозможува пристап до вашиот профил каде можете да го ажурирате, да ги погледнете вашите пријатели и да споделувате информации со нив. Мобилните LinkedIn апликации сега се збогатени со опцијата Groups која ви овозможува пристап до групи, да прелистувате дискусии, и да споделувате дискусии на други групи.
Мобилната HTML5 верзија на LinkedIn е дизајнирана за оние корисници кои ги немаат мобилните апликации или за оние кои добиваат Linkedin пораки, како што се неделните информации за контактите кои смениле работно место. Претходно овие пораки носеа директно на сајтот, кој на мобилен е многу тежок за навигација. Сега со новиот веб прелистувач, овие пораки ќе носат на мобилна верзија на сајтот, која е лесна за навигација.







