Cloudflare нема повеќе да го толерира однесувањето и омразата на 8Chan. Во Cloudflare сметаат дека страницата која сее омраза не заслужува заштитата од напади.
„Нeволно толерираме содржина што сметаме дека е за осуда, но повлекуваме линијата кога платформите ќе покажат дека директно инспирираат трагични настани и се дизајнирани без правила. 8chan ја премина оваа линија. Затоа повеќе нема да може да ги користат нашите услуги“, вели Метју Принс од Cloduflare.
Причината за ова се последните вооружени напади во САД и споделувањето на намерите за напади уште пред тие да се случат. Ова беше случај со нападот во Ел Пасо, но и со нападите во Крајстчрч во Нов Зеланд и Повеј во Калифорнија. Во нападот во Ел Пасо загинаа 20 лица.
Нападите во Ел Пасо се случија викендот, 21 годишниот напаѓач со намера да убива хиспаноамериканци влезе во Wallmart и започна со пукотници. Во нападот има десетици повредени. Неколку часа по овој напад Дејтон, Охајо беше жртва на друг напаѓач. Во овој напад се убиени 9, а повредени 27 лица.
Дека постои поврзаност можеби најдобро покажува и еден од креаторите и основачи на форумот Фредрик Бренан, кој побара од сегашниот сопственик на 8Chan да го затвори сајтот.
„Секогаш кога ќе слушнам за вооружени напади си велам- Мора да провериме дали има некаква врска со 8 Chan“, вели г. Бренан за New York Times.
Г. Бренан една година не е дел од 8Chan, но смета дека форумот не прави услуга никому.
„Затворете го сајтот. Никому не прави услуга. Сајтот е потполно негативен за сите освен за корисниците кои се на страницата. Знаете што? Негативен е и за нив, но тие не го разбираат ова“, додава г. Бренан.
Истрагата покажа дека пред да започне со масакрот, вооружениот напаѓач го објавил својот „манифест“ на 8Chan. Заедно со манифестот се споделени и барањето да се сподели неговата порака. Пораката беше набрзо отстранета, но наскоро беше повторно споделена заедно со „манифестот“.
8Chan беше замислен како место за немодериран говор, алтернатива на 4Chan, но наместо ова стана сајт на кој се споделува омраза, а секој може да си сподели каква сака идеја без разлика колку налудничава и да е.







