Природата е најголемиот градител. Oва го препозна и италијанската градежна компанија Wasp која инспирирана од начинот на кој градат осите започна со 3д принтер да гради кружни куќи.
Инспирацијата од осите не застанува тука, за изградбата на куќите Wasp користи земја и земјоделски отпад. Првата куќа компанијата ја изгради во Маса Ломбардо населено место во Равена, во регионот Емилија-Романа во 2018.
Ѕидовите се направени, поточно испечатени од земја и остатоци при производство на ориз, а потоа за подобра изолација се користи отпад од ориз, лушпи од ориз и сламки.
Изборот на ваквиот био-отпад и земја како градежен материјал, како и целиот начин на градење доаѓа со неколку предности. Најпрво материјалот е значително поевтин, што ја намалува и цената на куќата. Второ процесот на градење е значително побрз и не се потребни многу работници, иако надзор при изградбата секако е потребен. Предност е што најголем дел од материјалот е достапен каде што се гради, што дополнително ги намалува трошоците за транспорт.
Компанијата за 2020 година го најавува и првиот прототип на населба исклучиво со вакви куќи.