Секој пат кога ќе се најдете во ситуација да мора да се регистрирате на некој форум / сајт за да пристапите до одредени нивни содржини или слични бенефиции, првиот инстинкт диктира искреност и внесување ваши точни податоци и и-мејл адреса. Шансите ова да биде злоупотребено се исклучително високи и ризикувате напад од чести спам пораки, а во одредени ситуации, и со обиди за кражба на вашиот дигитален идентитет. Во такви ситуации би можеле да пробате да создадете лажно име и профил, да користите мејл адреси за неколкукратни употреби или да пополнувате онлајн форми со лажно инфо.
Создадете лажно име и профил
Создавањето алтер его никако не е за потценување и во ситуации на креативна суша побарајте помош од Fake Name Generator. Сајтот не само што е мајстор за исфрлување генерични, географско базирани имиња, туку и ви сервира реални адреси и поштенски кодови во зависност од избраната држава. Згора на тоа, добивате и лажен телефонски број кој е во географски автентичен формат и поминува низ процесот на автентикација. Не се шегуваме, Fake Name Generator ќе ви каже и кога е роденденот на вашето алтер его, кој знак е во хороскоп, која висина и тежина има, која крвна група е, каков автомобил има во зависност од работата која ја има, па дури и која му е омилената боја.
Користете еднократни и-мејлови
За да избегнете секојдневно добивање промотивни пораки на вашиот личен или работен и-мејл, она што се препорачува е употреба на еден и-мејл кој е исклучиво наменет за такви работи и никогаш нема да биде корисен за нешто повеќе од собирање спам. Во случај да сакате да создавате лажни, привремени адреси, тогаш би можеле да побарате утеха во MailDrop или Mailinator. И двата сервиси се лесни за употреба и сѐ што треба да направите е да ги внесете лажните вредности и да создадете привремена адреса. Mailnator се одликува и со сопствени спам филтри, а и дава предлози за лажни адреси доколку не сте расположени со вашиот избор.
Автоматско пополнување форми со лажно инфо
За да не дозволите вашите лични податоци да дојдат во раце на сомнителни организации, побарајте помош од Chrome екстензијата Fake Data. Оваа екстензија нуди малку поразлична функционалност од Fake Name Generator, така што создава податоци по случаен избор, но со автентични вредности кои автоматски ги внесува во сите онлајн формулари, како кога се регистрирате за нешто. Навистина, не ни треба ништо да пишувате! Едноставно десен клик на полето кое бара ваша информација и изберете лажен податок од понуденото изборно мени.
Како дополнително ниво на автентичност, би можеле да користите VPN за маскирање на вашата локација. Одредени сајтови, меѓутоа, забрануваат употреба на вакви начини за користење на нивните услуги и доколку значително им пркосите на правилата, нивните адвокати би можеле да си земат за право да употребат легални акции против вас.