Добри вести за сите корисници на iPhone 6 кои сега имаат цигла наместо телефон поради Error 53. Apple се предомисли и го надгради iOS за да ја тргне грешката која се појавува откако телефонот е сервисиран од неовластен сервисер. Сензорот за отчитување на отпечатоци препознава дека компонентите се сменети, и со Error 53 го блокира телефонот заради безбедност. Надградбата не е нова верзија на iOS, туку закрпена верзија на 9.2.1, јави TechCrunch. Корисниците чиј телефон е жртва на овој пропуст можат да го надградат оперативниот систем преку iTunes. На вака поправените телефони нема да им биде вратена функционалноста на споменатиот сензор, бидејќи Apple не може да гарантира за безбедноста на корисниците.
„Некои од уредите на корисниците покажуваат Connect to iTunes по обидот за iOS надградба или restore од iTunes на Mac или PC. Ова е Error 53 и се покажува кога уредот нема да го помине безбедносниот тест. Тестот е дизајниран да провери дали Touch ID функционира пред уредот да излезе од фабриката… Им се извинуваме на корисниците за проблемите, ова требаше да биде фабрички тест, а не да има влијание врз крајните корисници. Корисниците кои платиле за поправка надвор од гарнацијата треба да го контактираат AppleCare за надоместок“, вели Apple.
Реакцијата на Apple доаѓа по најавата за здружена тужба – компанијата се надева дека оваа реакција ќе ги намали барањата на тужителите.