Gjirafa е косовски стартап кој ќе се натпреварува со Google со помош на 2-та милиони долари инвестиција кои ги доби од Rockaway Capital. Ова е најголема инвестиција во албански стартап. „Gjirafa се постави во центарот на иновациите што се случуваат во регионот, и нѐ радува што ја искористивме шансата да капитализираме на забрзаната модернизација што се случува сега. Оваа компанија може да направи во Косово и Албанија тоа што Yahoo го направи во САД во 90-тите – да развие интернет економија“, велат инвеститорите.
Предноста на пребарувачот е што подобро го разбира сложениот албански јазик од Google, и што се фокусира на пребарувања кои се важни за балканскиот регион. Gjirafa e основан во 2014-та година од Мергим Кахани кој го разви пребарувачот во акцелератор во Прага. Во моментов во стартапот работи тим од дваесетина луѓе во Приштина и Призрен.

Една од мисиите на стартапот е да ги дигитализира информациите од регионот кои сè уште ги нема онлајн, пишува TechCrunch. Планот за почеток е да се дигитализира цела Албанија, или барем информациите што им се потребни на корисниците, како распоред на градски автобуси, собирање информации за локални ресторани, временска прогноза за локалните места, или блогови кои дискутираат теми на албански.
Разбирливо фокусот на Gjirafa се Албанија, Косово и Македонија, но целта им е да ги привлечат сите корисници кои зборуваат албански јазик. Покрај пребарувањето, отворени се можностите за развој на е-трговија (Girafa функционира и како огласувач за недвижности и телефони) и за онлајн маркетинг преку пребарувачот. Gjirafa тврди дека има над 10 милиони пребарувања откако беше стартувана и над милион посетители во последните три месеци.

Коментари
4 коментари
Коментарите се затворени.