Еден од клучните елементи на безбедноста денес, бројот на паметениот телефон е и еден од најлесните за крадење. Ова во последниот период го дознаваат куп Американци претплатници на Verizon, T-Mobile U.S., Sprint и AT&T, јави New York Times.
Измамници се јавуваат на операторите и бараат да им ја предадат контролата врз телефонскиот број на жртвите. Потоа ги ресетираат лозинките на сите платформи со двојна авторизација. Сепак, лозинките на Google, Facebook и останатите сервиси не се главна цел на нападите.
Во последниот период нападите се фокусирани на Bitcoin ентузијасти и инвеститори во крипто валутата. Една од жртвите на нападите е Крис Бурниск. Само неколку минути по воспоставување на конролата врз неговиот телефон, напаѓачот го испразни и неговиот Bitcoin новчаник. Штетата од нападот, по денешна пазарна цена на крипто-валутата е околу 150.000 долари.
Напаѓачите своите цели ги пронаоѓаат на друштвените мрежи. Секој кој зборува за крипто-валутата е потенцијална цел на нападите, секој кој е познат како инвеститор во крипто валути е потенцијална жртва. Најголемиот проблем е што трансакциите со крипто-валути не може да се поништат.
Нападот е прилично едноставен. Крадецот се јавува на операторот и бара да го префрлат неговиот телефонски број од еден на друг оператор. Единствено што треба е идентитетот и телефонскиот број на жртвата.
„Се рестартираше мојот iPad, телефонот и компјутерот, ме облеа ладна пот и сфатив: Добро, ова е навистина сериозно“, вели г. Бурниск.
Г. Бурниск не е единствената жртва на овие напади. Еден од пионерите на биткоин, Џаред Кена, беше жртва на истите напади. Биткоини со вредност од милиони долари се префрлени од неговиот биткоин новчаник.
Главна штета на нападите засега се сопствениците на крипто валути. Сепак, постои опасност за сите кои имаат чувствителна содржина во имејл поштата или на онлајн сервисите.
Мобилните оператори работат на мерки за надминување на пропустите. Дополнителни броеви за идентификација и пинови се дел од решенијата. За жал и по воведувањето на вакво решение, безбедноста на корисниците останува во рацете на агентите на провајдерот. Дел од корисниците се жалат дека иако имале барање за зголемена безбедност на своите профили, крадците биле доволно упорни и на крајот успеале да пронајдат агент кој ја извршил промената без специјалните марки за безбедност.