Булинг или врсничко насилство е вознемирувачко искуство за вашето дете. Последиците од таквото малтретирање може да се носат со години, па и цел живот…
Врсничкото насилство би можело да се дефинира како агресивно однесување кое има за цел да повреди друга личност или на физички, или пак на емотивен план. Врсничко насилство стапува на сила ако одредена форма на агресија се повторува, како чест физички или вербален напад, ширење гласини, исклучување на детето од одредени активности или бројни комбинации од слични деструктивни акти.

Доколку пробаме да направиме груб територијален пресек, тогаш врсничкото насилство се дели на булинг со или без физичко присуство. Врсничкото насилство без физичко присуство обично подлега под категоријата сајбер насилство бидејќи се користат електронски средства за нанесување емоционална штета. Во оваа прилика би сакале да ги разгледаме најчестите форми на сајбер насилството и како најдобро би можеле родителите соодветно да реагираат.

Сајбер демнеење
Овој вид на онлајн врсничко насилство е кога жртвата константно се следи преку социјалните мрежи, и ѝ се испраќаат најразлични пораки или реакции на snap/story во форма на закани, навреди или полу-вистини. Потоа, се преземаат одредени фотографии на жртвата, дигитално се менуваат и се користат за дополнително омаловажување.
Многу деца кои вршат врсничко насилство одат со оваа форма бидејќи се чувствуваат недопирливи и мислат дека нема реални последици доколку насилството се врши по дигитален пат. За дополнително хранење на оваа мисла, децата силеџии често креираат лажни профили и преку нив ја напаѓаат жртвата. Врсничко насилство со физичко присуство е обично интимна работа со мал број сведоци. Врсничко насилство кое се прави онлајн знае да премине во вистински спектакл и драма од епски пропорции, особено откако ќе се креираат одредени „трач“ групи кои специјализираат во напаѓање индивидуални ученици.

Анонимно и лажно претставување
Многу училишта имаат проблеми со вакви трач групи преку социјалната мрежа Instagram. Обично, еден ученик ќе направи група која ќе ја крсти по името на училиштето во кое учи и потоа ќе привлече стотици ученици кои оставаат анонимни пораки. Овие пораки знаат да бидат исклучително невкусни и да навредуваат и омаловажуваат деца на запрепастувачки суров начин.

За да бидат работите уште полоши, многу ученици прават скриншотови, па истите ги споделуваат со жртвата која е предмет на исмејувањето, со што дополнително се разгорува работата. Често, ученикот кој е жртва на ваков булинг користи предрасуда за да претпостави кој би можел да ги пишува лошите работи и, во многу ситуации, и тоа дете ќе започне слична кампања на социјалните мрежи. На овој начин, и жртвата станува силеџија, па зачараниот круг зазема уште подлабока димензија.
Како уште една форма на лажно представување се смета и Catfishing! Во оваа ситуација, детето кое врши врсничко насилство презема неколку фотографии од жртвата и потоа прави профил на социјални мрежи и се претставува како жртвата или за да извлечат одредени информации или пак за да го нарушат кредибилитетот на жртвата.

Издавање, измама, имитирање и уценување
Outing, Trickery и Fraping се три добро познати форми на сајбер малтретирање.
Под outing се подразбира намерно и јавно поставување чувствителни, приватни или срамни податоци за одредено дете на други деца или во различни групи. Деца како деца, се доверуваат или испраќаат одредени проблематични податоци или слики на други деца, па потоа се прави скриншот/ видеа од истите за да се проследуваат на трети лица. Тука стапува на сила уште една форма на сајбер насилство – Trickery е форма на измама каде детето насилник се „спријателува“ со жртвата само за да извлече одредени работи кои подоцна можат да се искористат за ескалација на врсничкото насилство.
Од друга страна, имитирањето, или frapping е кога едно дете ќе влезе во акаунт на друго дете и ќе започне кампања од постирање несоодветни содржини на сите пријатели и следбеници. Може да се срамотни изјави, навредувања, или линкови до несоодветни содржини.
Како една од најлошите форми на сајбер насилство е онлајн уцена каде, на пример, се користат компромитирачки фотографии од жртвата и се бараат бескрупулозни услуги; доколку детето не се согласи да го направи тоа што се бара, насилникот се заканува дека ќе ги испрати фотографиите на х лица. За да заканата има тежина, се испраќа една фотографија на близок другар на жртвата, а останатите се чуваат како резерва за понатамошна уцена.

Што можат да преземат наставниците и родителите за спречување врсничко насилство?
Детето кое е жртва на врсничко насилство знае да биде исклучително разочарано, тажно и незаинтересирано за наставата. Полека, но сигурно, жртвите стануваат несигурни, избегнуваат одење на училиште и дружење со соучениците. Тука и таму, се наоѓаат значи на (само)повредување, потешко спијат и немаат апетит. Покрај одбивање да се учествува во разни активности, жртвите или ја отфрлаат употребата на мобилниот телефон или пак целосно се посветуваат на одредена форма на интерактивна забава, како филмови или видео игри (како најблага верзија за бегство од реалноста).
Оној кој сака, не може, а да не ги забележи знаците, независно дали се работи за наставник или родител. Откако ќе се забележи дека нешто не е во ред, следниот чекор е разговор и (ин)директно охрабрување детето да се отвори, при што се објаснува дека независно од ситуацијата, решение може да се најде. Во овој момент сеуште не се знае дали проблемот е врсничко насилство или нешто сосема друго и потребна е меѓусебна координација помеѓу родителот и наставникот. Во голем дел ситуации, детето кое е жртва на врсничко насилство ја доживува ситуацијата или како екстремно срамна или како финална, безизлезна ситуација. Поради тоа, детето има голем проблем за отворање, особено на наставник кој не го чувствува како близок (нема шанси тој да ми помогне) или према родители од кои доживува страв да не ги разочара или да не биде скарано.

Ако видите нешто, кажете нешто!
Доколку разговор со жртвата не помогне, на втор план доаѓаат разговори со учениците од неговото одделение или со неговите другари. Како што напоменавме, сајбер насилството се шири до голем број луѓе и шансите се дека останатите деца се запознаени со природата на врсничкото насилство. Приодот и разговорите треба да се внимателни и да се примени што е можно поголема дискреција, а откако ќе се соберат доволно податоци, да се проба одново разговор или со жртвата или со насилникот (под услов да е во оваа фаза откриен извршителот на врсничкото насилство). Од овој момент, може да биде активиран и класниот раководител, како и службата (првенствено психологот, а во зависност на комплексноста на насилството, и директорот). Доколку овие чекори се иницијатива на наставник, родителот мора да биде запознаен со сите преземени чекори и заеднички да се планираат методите за ефикасно задушување на врсничкото насилство.

Родителско надледување
Како последна мерка, која најверојатно би била осудена од одредени читатели, е навлегување во приватноста на детето и надгледување на разговорите кои ги води низ социјалните мрежи. Дел од децата бришат одредени разговори, ги ставаат во архива или пак прават скриншотови, така да не е лошо да поминете и низ архивата, односно галеријата, кога детето ќе заспие. Знаење на лозинките кои ги користи е од клучна важност за проверка на акаунтите од друга направа.
Свесни сме дека можеби не е во ред ова што го советуваме, но доколку има некој реален проблем со детето, добивање подобар увид во целата ситуација би можела да ви помогне да осмислите, сами или со психологот, подобра стратегија за отворање на жртвата, пронаоѓање на насилникот и, конечно, разрешување на проблемот, помирување со последиците и заземање чекори кон целосно лечење и надминување на траумата.

Едукацијата е клучна
Како последен чекор, потребни се дополнителни разговори и со жртвата и со насилникот, од страна на засегнатите родители, и од страна на службата на училиштето и инволвираните наставници. За подобра заштита во иднина, потребна е подобра заштита на лозинките (како двојна идентификација), заштита на одредени фотографии и податоци (да се гледаат само од пријатели), како и блокирање на токсични „пријатели“ кои се ризичен фактор и лесно можат да започнат врсничко насилство. Самите ученици треба да бидат научени за вредноста која доаѓа од селективност на фотографии кои се поставуваат на социјалните мрежи бидејќи живееме во време кога вештачката интелигенција може да се искористи за брзо, но ефикасно менување на фотографиите во нешто исклучително страшно.

Од друга страна, останатите ученици треба да бидат правилно информирани и едуцирани да не бидат учесници или пасивни набљудувачи во актот на врсничкото насилство, туку да се доверат на наставник или на родител доколку се сведоци на проблематична ситуација, па дури и да пријават врсничко насилство преку социјалните мрежи (Во случајот со трач групите на Инстаграм, многу беа згаснати кога наставник ќе организира доволен број лица да ја пријават групата). Доколку сите молчиме или додаваме масло на огнот, ситуацијата може да премине од лоша во полоша, а последиците од таквото малтретирање може да се носат со години, па и цел живот.
Сево ова пушта длабоки корени во е-болестите и ефектите на технологијата врз физичкото и менталното здравје. Повеќе на оваа тема пишувавме тука!
Од каде е текстов? Може линковите од референците?
Здраво Кирев. Првенствено од 15+ години искуство како наставник. Термините кои се споменуваат тука се пропратни низ бројни семинари и прирачници на оваа тема