IfSunSets e уште една survival RPG авантура, овојпат развиенa од јужнокорејското студио Polymorph Studios. На почетокот, малиот тим од тројца вработени имале работено само на визуелни ефекти, без претходно искуство во програмирање. Денес, една година по влегувањето во раниот пристап на Steam, тимот брои петнаесет членови. По над 80 ажурирања и 75% позитивни рецензии, се чини дека играта на почетничкото студио е на добар пат. Но, дали е ова игра за вас?

Гејмплејот во ifSunSets цврсто се потпира на динамичниот циклус ден-ноќ, драстично менувајќи го темпото и атмосферата на играта. Дење, IfSunSets функционира како класична игра за преживување, при што имате за задача да го истражувате островот, да собирате ресурси, да ловите и риболовите, да одгледувате култури, како и да го градите/ надградувате вашиот камп. Кога сме кај градењето, самиот систем ви дозволува да конструирате детални утврдувања, не само за украс и топлина во срцето туку и за одбрана од она што доаѓа кога ќе зајде сонцето.

Штом падне ноќта, играта зазема форма која потсетува на tower defense жанрот. Имено, мирната атмосфера ја заменуваат бројни зомбија и чудовишта. За да се најдобро справите со предизвиците и ефикасно да се одбраните, можете да користите стапици и пречки. Борбениот систем, пак, нуди солидна надградба и RPG елементи преку детално дрво со вештини.
Динамичниот систем на смена меѓу денот и ноќта внесува една сосема нова и освежувачка димензија во жанрот. Иако механиките за собирање ресурси и слободата при градењето навистина ни се допаднаа, борбениот сегмент остава впечаток на недовршеност како да недостасува флуидност и прецизност, што станува особено фрустрирачки кога ордите непријатели ќе ве нападнат од сите страни.
Сепак, и покрај ова, IfSunsets е паметно дизајнирана и детално разработена игра која нуди неброени часови забава. Доколку сте љубител на survival наслови кои комбинираат комплексно градење со напнато истражување, тогаш топло ви препорачуваме да не ја заобиколувате оваа игра – особено кога ќе се земе предвид нејзината исклучително пристапна цена.
Од визуелен аспект, благодарение на моќниот Unreal Engine, островот Луминора изгледа магично. Бујната вегетација, реалистичните ефекти на водата и драматичното осветлување го одземаат здивот, а пејзажите се најимпресивни за време на зајдисонцето – моментот кога убавината полека преоѓа во опасност. Ова визуелно блаженство, надополнето со атмосферска звучна подлога и квалитетни музички теми, го прави престојот во играта впечатлив и нуди вистинско задоволство за вашите аудио-визуелни сетила.

Јануарското Ocean Update овозможува истражување на отвореното море, заедно со серија од нови предизвици. Поради тоа, повторуваме, насловот топло се препорачува на сите љубителите на жанрот кои бараат предизвик и уживаат во комбинацијата на креативно градење и стратешка одбрана. Со малку среќа и понатамошни, садржајни надополнувања, IfSunSets има потенцијал да прерасне во комплетно и незаборавно искуство.








