The Last Plague: Blight e изометриска игра со комплексни survival механики. Иако се работи за игра во раниот пристап на Steam, развојното студио Original Studios се имаат потрудено да понудат веродостојно искуство преку имплементирање бројни елементи и механики. Вашата задача е да градите структури и да создавате работи кои ќе ве донесат еден чекор поблиску до пронаоѓање лек против опасната болест која го има втурнато преубавиот свет на работ на изумирање.
Напредни механики за градење и преживување
Се работи за стандардна survival игра која може да ја играте во олеснети или предизвикувачки околности. Имено, пред почнување на вашата прва игра, можете да одберете тежина и стил на играње. Во поглед на тежината, имате опција да наместите да има помалку опасности во поглед на животните, ширењето на чумата, и брзината со која се зголемува жедта и гладта. Покрај ова, ќе можете да изберете по(не)реалистичен стил на играње, односно дали да гледате на мапата каде сте вие и вашиот камп или пак константно да зависите од вашиот компас.

За разлика од поголемиот дел survival игри, The Last Plague: Blight се игра во изометриска перспектива, како Diablo, на пример. Но, наместо RPG акција заснована на плен, овде сте фрлени во огромен свет без какви било објаснувања и имате за задача да го направите најдоброто од понудените услови. Па така, со вашето верно секирче ќе започнете со инстантно сечење дрва, кршење камења, собирање бројни поситни ресурси. За жал ова не е игра која е дарежлива со просторот и никако не се охрабрува собирање голема бројка ресурси. Поради тоа, потребно е да видите што ви е квестот или што сакате да направите и да се фокусирате само на тие ресурси. Подоцна во играта, ќе се создадат подобри можности за управување на ресурсите, но почетокот е брутален во поглед на просторот, независно од избраната тежина.

Во The Last Plague: Blight имате на располагање бројни алатки, предмети, објекти и структури. За среќа, светот е исклучително дарежлив во поглед на ресурсите, а на почетокот, помага тоа што не сте целосно оставени да тапкате во несигурност, туку сте водени од едноставен систем со квестови кој е и како еден вид корисен туторијал. Многу работи се врзани еден со друг. Чисто за пример, за да направите огин, потребно е да соберете десет каменчиња. Потоа треба рачно да ја направите основата, камен-по-камен. Откако тоа ќе го завршите треба да собирате огревно дрво, па вадите борови лисја од борови гранки преку засебен систем за крафтање. Дури тогаш, ставате одреден број од соодветните ресурси, чекате ноќ, па го палите огинот.

Мапите се создаваат според параметри за процедурално генерирање. Светот е преубав и крие навидум непресусешн извор од ресурси. Арно ама, кога има повеќе ресурси на едно место, се случува да го земете погрешното нешто, барајќи од вас непотребно да ја ротирате камерата или да зумирате, иако, во повеќе ситуации и тоа не помага баш. Од време на време, ќе биде потребно да се соочите и со најразлични суштества. Системот со битките е, можеби, најслабиот аспект во играта и често посакувавме подинамични борби. Вака-како-е, голем дел од битките се сведуваат на сувопарно кликнување на непријателот и тактичко повлекување, што не е многу забавно.

The Last Plague: Blight е солидно оптимизирана игра. Визуелено, светот знае да импресионира, но само на највисока графика. Во спротивно, текстурите и сенките знаат да остават впечаток дека се работи за значително постара игра. Музиката и звучните ефекти, од друга стана, е апсолутно феноменали и одлично се вклопуваат во целата мистериозна и проблематична тематика. Играта се труди да понуди автентично искуство за прежувување. Тоа значи дека The Last Plague: Blight не е лесна игра. Добрата работа во ова е што не морате да навлезете во светот сами. Ко-оп можностите ќе ви дозволат да повикате пријател и со заеднички сили да пробате да допринесете до попријатен свет за живеење.

Доколку веднаш скокнете во The Last Plague: Blight, ќе имате на располагање добри педесетина часа содржини. Целта на студиото е да понудат содржини кои двојно би го дуплирало времето за истражување, нешто што авторите ќе пробаат да го осмислат во идната година дена. Во меѓувреме, сметаме дека цената од 1000 денари навистина не е висока за она што моментно можете да го најдете. Во случај да не сте сигурни дали е ова игра по ваш вкус, пробатеје го бесплатното демо првин!

Повеќе детали за играта
- Произведува: Original Studios
- Издава: Original Studios
- Жанр: survival
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 3 октомври 2024







