Plants vs. Zombies остави неизбришлива трага во светот на tower defense игрите, до тој степен да нема година да не и се навраќаме. Чедото на PopCap понуди неверојатно искуство, како во поглед на гејмплејот, така и во поглед на дизајнот на ликовите да ниедна друга игра не успеја да и се приближи и да ја симне од тронот. По подолго исчекување, Plants vs. Zombies: Replanted пристигнува како ремастеризирана верзија на оригиналниот наслов, со ветување дека ќе го врати класичното искуство во ново, визуелно подобрено издание. Оваа верзија се обидува да ја понуди истата битка помеѓу растенијата и зомбијата, само сега прилагодена за модерните платформи и со подобрена графика.

Приказната во Plants vs. Zombies: Replanted е минималистичка, но шармантна, водена низ различните нивоа и преку интеракциите со ексцентричниот Crazy Dave.
Со оглед на тоа дека се работи за истата игра, во Plants vs. Zombies: Replanted одново ја преземате улогата на сопственик на куќа кој мора да го одбрани дворот од бранови на зомби користејќи арсенал од различни растенија. Собирањето сончева енергија, стратешкото поставување на единиците и менаџирањето со ресурси функционира на истиот начин како и претходно, само сега во целата HD слава.

Па така, нема да бидете разочарани во графичкиот оддел кој е изострен и целосно прилагоден за екрани со висока резолуција, правејќи ги боите поживописни и анимациите пофлуидни. Иако не е целосен ремејк, не можете да бидете рамнодушни на оваа визуелна надградба. Звучниот дизајн го задржува препознатливиот и крајно разигран саундтрак и карактеристичните звучни ефекти, кои максимално придонесуваат за носталгичното, но сепак освежено, севкупно чувство.

Plants vs. Zombies: Replanted ги вклучува сите оригинални режими како авантура, мини-игри, загатки, преживување и зен градина, но додава и нови предизвици. Воведени се нови режими како Cloudy Day, каде ограниченото сончево светло бара поинаква тактика. Тука е и Rest In Peace, хардкор режим каде една грешка може да ве врати на почетокот. Покрај ова, додадена е поддршка за контролер, повеќе достигнувања на Steam, како и долгоочекуваните локални режими, а и PvP. Дали е ова доволно? За нас, да, но има бројни играчи кои сметаат дека цената дефинитивно не го оправдува графичкиот фејслифтинг и содржините кои се на понуда.

Plants vs. Zombies: Replanted претставува солиден обид да се врати еден безвременски класик. Новите режими, локалниот мултиплеер и визуелните подобрувања нудат одредена вредност, особено за новите играчи или за оние кои сакаат да ја искусат играта на Steam Deck каде, патем, се игра апсолутно феноменално. Во случај да сте фанови на првата игра, не би требало да ја заобиколите Replanted, особено доколку дојде со попуст!

Повеќе детали за играта
- Произведува: PopCap Games, The Lost Pixels
- Издава: Electronic Arts
- Жанр: Tower Defense
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 23 октомври 2025







