Аpple најави промени за својот надоместок во Европа. Одлуката на Apple доаѓа неколку месеци откако во јуни дознаа дека промените кои ги направија не се доволни. Компанијата ќе го олесни известувањето за алтернативните можности за плаќање, но и самото плаќање.
Со најавените промени Apple ќе направи посериозни отстапки, а ќе воведе и нова структура на провизија за линковите кои водат кон надворешни сервиси за плаќање.
Како беше досега и што е променето
До сега линковите кои водеа надвор од апликациите мораат да бидат статички дефинирани и можеа да одат единствено кон веб-страницата на сопственикот на апликацијата. Ова практично значеше дека корисникот веројатно ќе мора на страницата да го пронајде она што сакал да го купи или линк за претплата, да се логира, па дури потоа да го купи она што го бара.
Со новите промени повеќе нема забрани за динамичките линкови, и урл-то може да содржи параметри. Единствено ограничување е параметрите да не се користат за рекламирање или за профилирање на корисниците, вели 9to5mac. Дополнително, не само што линкот може да биде динамички, туку повеќе нема потреба да води кон прелистувач. Наместо ова може да се користи модал-прозорец кој ќе се отвори директно во апликацијата.
Уште една не мала отстапка е откажувањето од дополнителните трошоци за девелоперите кои Apple ги нарекуваше „Core Technology Fees“. Практично, развивачите на апликации ќе можат да го користат алтернативното плаќање без да мора да го напуштат App Store.
Провизија за Applе сепак ќе има
Apple не се откажал од провизијата, но ќе биде различно структурирана. Сега според најавата ќе доаѓа во две нивоа.
Почетен надоместок: оваа провизија се применува за продажба на дигитални стоки и услуги направени од нов корисник на апликацијата, преку која било платформа каде се нуди купување. Ова важи во првите 12 месеци по првичното преземање на апликацијата која овозможува плаќање надвор од системот на Apple.
Надоместок за услуги во продавницата: Оваа провизија за продажба на дигитални стоки и услуги, се применува во фиксен период од 12 месеци од датумот на инсталирање, ажурирање или повторно инсталирање на апликацијата. Ова значи дека ако корисникот продолжи да ја користи апликацијата, провизијата за услуги на продавницата продолжува да важи.
Девелоперите ќе ги плаќаат двата надоместоци во првата година за нов корисник. По истекот на првите 12 месеци почетниот надоместок престанува да важи, и се наплаќа единствено надоместокот за услуги.
Почетниот надоместок изнесува 5 отсто. Надоместокот за користење на продавницата е 10 отсто или 5 за членовите на програмата App Store Small Business.
За сите кои ќе ги користат алтернативните продавници за апликации во Европа надоместокот за технологија (Core Technology Fee) останува како и досега. Ќе се плаќа половина евро за инсталација по надминати 1 милион инсталации. Девелоперите кои остануваат во еко-системот на Apple не треба да го плаќаат надоместокот за технологија. Сепак, ќе плаќаат 5 отсто почетен надоместок во првата година, и надоместок за користење на продавницата кој изнесува 20 отсто.
Први реакции
Ако ова ве збуни не сте единствени. Компаниите кои би требало да имаат најголема придобивка од ова и кои беа најгласни во барањата за алтернативни методи за плаќање Spotify и Epic Games го обвинија Apple дека и со овие промени не ги исполнува основните барања на Уредбата за дигитален пазар.
„Во Европската унија каде што новиот DMA- закон ја отвора конкуренцијата во продавниците за апликации, Apple продолжува со своето злонамерно усогласување со наметнување на нова нелегална 15% ѓубре такса (junk fee) за корисниците кои мигрираат на конкурентни продавници и ја следи трговијата во овие конкурентни продавници.“, вели Тим Свини од Epic Games.







