
На PlayStation, ASTRO BOT успеја да ги фасцинира гејмерите со шареноликата графика, симпатичните анимации и предизвикувачките платформски левели. Играта беше (и сеуште е) совршенство во најчиста форма и е задолжителна лектира за сите PS гејмери. Boti: Byteland Overclocked е игра која се труди да го долови духот на таа игра. Дали успева во мисијата или пак трапаво се сопнува и паѓа на дното како сосема просечна имитација?
Дебитантска игра
Како прва игра на полското студио Purple Ray Studio, Boti: Byteland Overclocked се истакнува со креативни можности кои стануваат јасни уште во првите минути од играта. Иако Боти e мало, симпатично ботче, никако не би требале да ја потценувате неговата храброст. Со Боти ќе можете да истражувате уникатни технолошки околини така што ќе (двојно) скокате, ќе лебдите, ќе се џиткате од една до друга страна и, онаму каде дипломатијата ќе потфрли, ќе залепите по две-три шлаканици. Пропратени од сопатниците One и Zero, приказната ве вовлекува во шаренолик свет полн со технолошки достигнувања. Нити приказната, нити глумата нема да освојат награди, но она што го има е сосема доволно за подобра имерзија во богатиот свет.

Boti: Byteland Overclocked не е предизвикувачка игра. Стазите нудат едноставни, но креативни можности за платфорско напредување, а босовите се целосно оперирани од предизвикувачки механики. Ова никако не ја прави играта здодевна или наменета само за помладата публика. Напротив, нам ни се чини дека Boti: Byteland Overclocked е замислена да понуди релаксирачко искуство во шаренолик и неодоливо сладок свет така што ќе понуди елементи за флуидност во движење и едноставно напредување од една до друга точка.

Носталгично патување
Чедото на Purple Ray Studio зрачи со позитивни вибрации и константно ги менува механиките за да ви биде поинтересно. Па така, во еден момент скокате и лебдите, но во во друг управувате со уникатни превозни средства. Таман кога се привикнете на одреден начин на движење, Boti ви нуди свежи механики за истражување и преминување на светот. Како резултат, играта е релативно кратка и можете да поминете низ неа за четири часа, што нам ни се чинеше дека времето е сосема доволно. Како културен гостин, Boti ни дојде во нашиот дом, нѐ дружеше, нѐ забави и си отиде без да форсира ивкови слави. Од друга страна, на ваша воља можете да ја развлечете дружбата доколку сакате да ги соберете сите колекционерски работи, целосно да ги истражите мапите или пак да извлечете некое достигнување.

Boti: Byteland Overclocked е игра направена во Unreal Engine 5, но, искрено, ние никогаш не би погодиле. Графички играта е убава, но во ниеден момент не доаѓаат до израз бројните потенцијали кои се својствени за најновата верзија на енџинот на Епик. За да бидат работите полоши, играта се чини лошо оптимизирана и она што ви се сервира, иако убаво, дефинитивно не ја оправдува високата хардверска побарувачка. Поради тоа, потребна е одредена флексибилност и експериментирање со опциите доколку сакате да извлечете повисок FPS. Дополнително, ни се случуваше често да наидеме на проблематични багови кои правеа одредени сегменти неигриви, што е иронично, со оглед на тоа дека ова е игра која се бори против бројни багови и вируси. Сега-за-сега, моментната верзија се чини добро прифатена од заедницата и ужива 85% позитивни рецензии на Steam.

Едноставна убавина
Во Boti: Byteland Overclocked нема ништо уникатно. Ова е вашиот стандарден платформер со веќе-видени механики. Но, преубавата графика и одличната аудио подлога, симпатичните анимации и богатиот свет полн со најразлични активности допринесе апсолутно да уживаме во играта. Од самиот почеток па сѐ до крајот, Boti: Byteland Overclocked беше фасцинантно патување кое нѐ одведе низ преубави технолошки околини и ни дозволи да искусиме нешто навистина магично, особено кога во играта ни се приклучи уште еден пријател и заедно почнавме да трчкаме и да го истражуваме живописниот свет. Од тие причини, Boti: Byteland Overclocked има наша топла препорака до сите оние кои уживаа ASTRO BOT и сакаат да проверат уште еден симпатичен, но релаксирачки платформер.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Purple Ray Studio
- Издава: Untold Tales, CouchPlay Interactive
- Жанр: платформер, авантура, ко-оп
- Платформа: Windows
- Излезена на: 28 август 2023







