Американскиот федерален судија Вилијам Алсап донесе одлука која може значително да влијае на иднината на вештачката интелигенција. Алсап пресуди дека користењето на книги од страна на Anthropic за обука на нивната вештачка интелигенција Claude е легално според законот за авторски права на САД.
Употребата за тренирање на вештачката интелигенција, спаѓа во концептот на „фер употреба“. Ова е важна одлука за технолошките компании. Проценката за „фер употреба“ е за секој случај одделно, но судот потврдува дека процесот на тренирање на АИ од дела за создавање нешто ново и различно е дозволен. Судијата ја опиша оваа трансформативна природа како слична на писател кој учи од туѓи дела за да развие сопствен стил.
Сепак поради серија погрешни процени на соосновачите победата е далеку од целосна. Вториот дел на пресудата дека компанијата знаејќи користела пиратирани книги може да биде сериозен проблем за Anthropic.
Што е фер употреба
Доктрината за фер употреба е клучен дел од законот за авторски права. Таа овозможува ограничена употреба на материјали заштитени со авторски права без потреба за барање дозвола од носителот на авторските права. Нејзината примарна цел е да најде рамнотежа помеѓу правата на авторите и интересите на јавноста за слободно користење на информации. Ова користење е особено важно за различни потреби, на пример критики, коментари, известувања, настава и истражување.
Кога судовите одлучуваат дали одредена употреба е „фер“, тие обично земаат предвид четири главни фактори. Најпрво, ја испитуваат целта и карактерот на употребата. Проверуваат дали е комерцијална или е за некомерцијални образовни цели. Ако употребата додава нов израз, значење или цел на оригиналното дело, се смета за трансформативна употреба. Второ, судиите ја земаат предвид природата на делото заштитено со авторски права; дали е тоа дело базирано на факти или креативно. Во случајов „дела базирани на факти“ се новинарски извештаи, биографии, историски книги и слично. Употребата на дела базирани на факти почесто се смета за фер отколку употребата на високо креативни дела. Трето, се оценува количината и суштинската природа на искористениот дел. Ова се однесува на квантитетот од оригиналното дело кој е искористен, и дали е искористена само „сржта“ на делото. Конечно, четвртиот фактор е ефектот на употребата врз потенцијалниот пазар или вредноста на делото заштитено со авторски права, или дали употребата негативно влијае на способноста на носителот на авторските права да го комерцијализира своето дело.
За тоа дали нешто е фер употреба нема строго зацртани правила. Секој случај се проценува индивидуално. Фер употреба е флексибилен концепт кој се прилагодува и на новите технологии и потреби.
Зошто Anthropic нема причина за славје
Иако според пресудата Anthropic не е виновен за нарушување на авторски права, компанијата нема причина за славје. Судот одлучи дека се виновни за копирање и чување на над 7 милиони книги. Судот во посебен процес ќе одлучи колку Anthropic треба да им исплати на авторите за пиратирањето на содржина. Максималната казна која може да ја добијат е 150 000 долари за секоја книга.
Судијата Вилијам Алсап од Северниот окружен суд во Калифорнија донесе одлука во која се наведува дека Anthropic, иако имала можност легално да дојде до овие книги, претпочитала да ги „украде“ за да избегне „правни/практични/деловни потешкотии“, како што изјавил ко-основачот и извршен директор Дарио Амодеи.
Во јануари или февруари 2021 година, ко-основачот на Anthropic, Бен Ман, ја презел Books3, онлајн библиотеката од 196 640 книги за која знаел дека е составена од пиратски копии. Потоа, во јуни 2021 година, Ман презел најмалку пет милиони копии од книги од Library Genesis (LibGen), иако знаел дека се пиратски. Конечно, во јули 2022 година, компанијата презела најмалку два милиони копии од книги од Pirate Library Mirror (PiLiMi), за кои исто така знаеле дека се пиратски, пишува 404Media.







