SWAPMEAT: хаотична фузија на месо и механика

Развиена од студиото One More Game, составено од ветерани кои работеле на франшизи како Warcraft, Diablo и League of Legends, SwapMeat е кооперативен акционен шутер од трето лице кој го става концептот на адаптација во буквална, гротескна и фасцинантна форма. Наместо да пронаоѓате ново оружје, вие едноставно ги „собирате“ деловите од телата на вашите непријатели и ги користите за да се надградите во реално време, создавајќи бизарни, но моќни хибриди. Феноменално и крајно уникатно искуство!

Roguelite структура

SWAPMEAT се одликува со исклучително уникатна централна механика. Вие ја преземате улогата на вработени во мега-корпорацијата Rangus Meats. Испратени на непријателски планети преполни со вонземјани, мутанти и роботи имате за цел да ги исполните директивите и да соберете, па, примероци од месо. Кога сме кај тоа, секој поразен непријател нуди можност за откинување на неговите екстремитети и користење на истите за отклучување нови можности. Па така, одредени откинати нозе ќе ви дозволат тројно скокање, одредено торзо може да поставува одбранбени куполи, а глава од, на пример, мисирка може да лансира гранати. Ништо чудно, нели?

Со преку 3.000 можни комбинации на делови, секоја промена инстантно го менува вашиот пристап кон борбата. Оваа менување во лет механика ја отстранува потребата од паузирање и влегување во менија, принудувајќи ве да донесувате стратешки одлуки во дел од секундата, додека сте, погодувате, под постојан напад. Брзината на борбата е немилосрдна, црпејќи инспирација од класици како Quake и Serious Sam, каде што движењето и импровизацијата се клучни за опстанок.

Долгорочно постигнување

Иако играта може да се игра соло, таа е дизајнирана со фокус на кооперативно искуство за до четири играчи. Тежината динамички се прилагодува врз основа на бројот на играчи во тимот, што значи дека предизвикот расте кога пријателите ќе се приклучат и се намалува доколку некој ја напушти играта. Оваа флексибилност е клучна за хаотичната природа на играта, каде тимската работа и синергијата помеѓу различните бизарни мутации на играчите можат да направат разлика помеѓу успехот и буквалното распарчување. Помеѓу мисиите, се враќате во базата каде што можете да ги искористите собраните ресурси за трајни надградби. Системот е на постојан напредок, карактеристичен за рог-лајт жанрот, при што овозможува отклучување на нови оружја, поволности и други подобрувања.

Визуелно, SWAPMEAT се одликува со шарен и бизарен уметнички стил, со впечатливи анимации и забавни визуелни ефекти кои мајсторски го прикажуваат користењето на различните оружја и процесот на распарчување. Подеднакво добри се и самите аудио ефекти кои значително допринесуваат до тежината на оружјата и самите битки. Нема да бидете разочарани ни во поглед на музичката подлога која, иако може да потсети на генеричен саундтрак, сепак позитивно влијае на подлабока имерзија во светот.

SWAPMEAT е високо-октански и иновативен наслов, идеален за сите оние кои бараат нешто свежо во жанрот на кооперативни акциони игри и рог-лајт наслови. Доколку уживате во брзите рефлекси и постојаното движење на арена-шутерите како Quake, но ја цените стратешката длабочина и непредвидливоста на игри како Risk of Rain 2, оваа игра нуди уникатен спој од двете. Механиката за менување делови од телото во реално време ветува речиси бескрајна можност за повторно играње и тактичка импровизација. Имајќи го предвид импресивното педигре на тимот зад One More Game, постои голем потенцијал SWAPMEAT да прерасне во исклучително импресивен наслов, под услов да не се плашите од малку гротескен хумор и сте подготвени да се нурнете во апсолутен хаос.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments