Како освежителен хибрид, Nova Hearts е замислена да понуди уникатно искуство кое е исполнето со мистерија, романса и космички битки. Развиена од студиото Sonderlust, оваа игра амбициозно спојува симулатор за состаноци со елементи на визуелен роман и стратешка борба заснована на потези. Како резултат, добивате забавен продукт исполнет со уникатен визуелен стил, суптилни, но преубави анимации и впечатлив наратив кој целосно ќе ве преземе во втората половина од играта.

Повеќе од летен одмор
Во центарот на приказната е Лус, млада хероина која се враќа во својот роден град, Вермилион, за да избега од проблематичното минато и да ужива во летниот распуст. Меѓутоа, идиличната фасада на градот крие длабоки тајни. Работите добиваат неочекуван тек кога мистериозна космичка сила ќе ѝ подари на Лус и на други атрактивни жители на градот натприродни моќи, претворајќи ги во суперхерои и негативци. Наративот се одвива како визуелен роман, каде што вашите одлуки, донесени преку дијалози и интеракции, директно влијаат на развојот на приказната и односите со другите ликови. Се работи за внимателно напишана приказна која ќе знае како да ве вовлече во уникатниот универзум, под услов да сте спремни да читате километри и километри текст.

допишување + состанок = борба
Гејмплејот на Nova Hearts се темели на неколку клучни столба. Првиот е социјалната симулација, инспирирана од „otome“ игрите. Благодарение на системот, имате можност да градите односи со девет различни ликови, секој со своја личност и приказна. Овие врски можат да еволуираат во пријателство, романса, па дури и ривалство. Комуникацијата се одвива не само лице в лице, туку и преку интерактивен интерфејс на мобилен телефон во играта, каде што можете да разменувате пораки, да ги следите најновите озборувања и да ги зајакнувате вашите моќи.

Вториот столб е стратешката борба. Кога чудовиштата и негативците го напаѓаат Вермилион, играта се префрла на систем на борба на потези. Вие, заедно со вашите сојузници, мора тактички да ги користи вашите космички моќи и да создавате моќни комбинации за да извоите победа. Овој елемент додава длабочина и возбуда, спречувајќи играта да биде само пасивно читање. Но, би сакале да потенцираме дека нема премногу голем предизвик во битките и за брзо време би можеле да „претрчувате“ што е можно побргу низ нив само за да се вратите на најсилната точка во играта – приказната.

Она што ја прави Nova Hearts посебна е нејзината способност хармонично да ги интегрира овие навидум различни механики. Одлуките донесени во социјалниот живот имаат влијание врз борбите, и обратно. Интерактивниот телефонски интерфејс е модерна и интуитивна алатка која го прави светот на играта поживописен и пореален, но, надвор од допишувањето, голем дел од апликациите немаат некаква посебна употреба и се повеќе тука за да создадат илузија на интерактивност.
Кога ќе се земе се во предвид, Nova Hearts е наменета за играчи кои уживаат во игри со богата приказна, развој на ликови и слобода на избор. Ако сте љубител на визуелни романи, симулатори за состаноци или JRPG со полесна стратешка борба, оваа игра нуди голем дел од тоа во еден релативно задоволителен пакет.











