0 коментари 5 мин. читање 17 јули, 2025

Somber Echoes: судир помеѓу грчка митологија и научна фантастика

Доколку сте фанови на metroidvania жанрот, тогаш не би требало да ја заобиколите играта на норвешкото студио Rock Pocket Games. Нивниот наслов Somber Echoes успева да внесе свежина преку една неочекувана, но импресивна фузија: грчко-римска митологија и научно-фантастичен хорор.

Играта нè носи на вселенскиот брод „Атромитос“, некогаш горд симбол на грчко-римската естетика, а сега мрачно легло на ужаси од непозната димензија. Во овој хаос, мистериозна сила ја оживува трибината Адрестија, давајќи ѝ втора шанса да го спаси универзумот од нејзината сестра близначка, Хармонија, која е обземена од лудило. Заплетот е видно инспириран од античките грчки трагедии, поставувајќи сцена за една емотивна и мрачна приказна за поврзана за семејството, предавството и судбината.

Приказната се разоткрива постепено, преку истражување на огромниот и запуштен брод. Адрестија, водена од желбата за одговори, стекнува нови моќи и вештини кои не само што ѝ помагаат во борбата, туку и го обликуваат нејзиниот пат и крајната судбина. Дел од приказната е раскажан преку кратки секвенци и пасивно набљудување. Недостатокот на директни дијалози знае да го намали севкупното искуство, но и вака како што стојат работите, студиото сепак успева да понуди интригатна и ретко видена приказна.

Онаму каде што Somber Echoes навистина блеска е во гејмплеј механиките, кои ставаат акцент на акробатската слобода и прецизното движење. Така наречените Aether Lanterns ѝ дозволуваат на Адрестија да се претвори во светлечка ѕвезда и да се лансира низ воздухот. Оваа механика не само што го прави движењето низ светот неверојатно забавно и флуидно, туку е и клучна за решавање на платформските предизвици и за доминирање во борбите. Особено е импресивна можноста за поврзување на повеќе вакви скокови, при што се создава чувство на моќ и флуидна контрола која ретко се гледа во други игри.

Борбата е висцерална и бара вештина и поголема доза на тактизирање. Наместо безгрижно напаѓање, фокусот е на совршено парирање на непријателските напади, што отвора можност за моќни контра-удари. Иако обичните непријатели не претставуваат голем предизвик, борбите со босовите стапуваат на сцена, нудејќи вистински тест на рефлексите и тактичкото размислување. Далеку од тоа да се работи за souls like игра, но имајте во предвид дека Somber Echoes не е прошетка низ паркот. Дури и на нормалната тежина, нема да можете целосно да се опуштите и да имате впечаток дека сте надреално моќни.

Визуелно, играта е празник за очи. Различните дистрикти на Атромитос имаат свој уникатен визуелен идентитет, од раскошни сали инспирирани од класичната архитектура, до мрачни индустриски зони преполни со ужаси. Спојот на класичните статуи и столбови со неонски светла и футуристичка технологија создава уникатна и незаборавна атмосфера. Ако графиката е празник за очи, музиката е празник за ушите, опсипувајќи ве константно со тешки, надреални звуци кои одлично со вклопени со динамичната музичка подлога.

Еден од најинтересните аспекти на Somber Echoes е влијанието на играчот врз крајот на играта. Имено, играта нуди повеќе можни краеви, а одлуките што ги носите, тајните што ќе ги откриете и начинот на кој ќе пристапите кон финалниот конфликт директно влијаат на судбината на Адрестија и целиот универзум.

Somber Echoes е повеќе од само уште една Metroidvania и се поставува како храбар и успешен експеримент кој спојува навидум неспоиви светови. Со својата извонредна механика на движење, предизвикувачка борба и неверојатна визуелна презентација, играта нуди уникатно искуство. Иако приказната можеби нема да ги задоволи сите со начинот на кој се презентира, атмосферата и гејмплејот се доволно силни за да ја направат оваа грчка трагедија во вселената задолжителн лектира за сите фанови на жанрот.

Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top