GODBREAKERS е акциона игра со rogue-lite елементи, дизајнирана за соло игра или кооперативно искуство со најмногу четири играчи. На прв поглед, можеби изгледа како да се работи за уште еден генеричен обид во презаситениот пазар, но таквата претпоставка апсолутно не „држи вода“. Студиото Vaulted Sky Games се има потрудено да понуди уникатна длабочина и механики, целосно истакнувајќи се од конкуренцијата. Поради тоа, подгответе се да навлезете во брутални битки со босови, бескрајни можности за прилагодување на стилот на игра и борбен систем кој е флуиден, агресивен и неверојатно прецизен.

Демото на GODBREAKERS беше 25-то од најиграни демо верзии од топ 100 на неодамнешниот Next Fest
GODBREAKERS се одликува исклучително динамичен и респонзивен борбен систем, барајќи од вас тактичко размислување и прецизност. Она што ја прави борбата толку посебна е можноста за целосно откажување на која било акција во дел од секунда. Благодарение на ваквата механичка изведба, можете да реагирате инстантно и да се прилагодувате соодветно на промените на бојното поле. Пример, во моментот кога ќе забележите напад, можете да го прекинете вашиот напад и да изведете одбранбен маневар, или да се префрлите на нова цел без никакво одложување. Како резултат, се здобивате со моќно чувство дека имате целосна контрола врз ликот и успехот зависи исклучиво од вашата вештина.

Името во играта доаѓа од централна гејмплеј механика – Godbreak. Имено, со нанесување штета на непријателите, вие, вусшност, ги ослабувате до точка каде што можете да ја апсорбирате нивната моќ. Потегот на абсорпцијата не само што нанесува огромна штета на сите непријатели кои се во непосредна близина, туку и привремено ви ги дава способностите на непријателот, кои потоа можете да ги искористите против нивните сојузници. Се работи за крајно забавна и одлично реализирана механика која додава слој на стратегија и ве принудува да размислувате кои непријателски моќи би можеле највеќе да ви користат во дадена ситуација. Ваквите моќи, иако еднократни по нивната абсорпција, знаат да бидат особено забавни при користење, особено поретките кои ги извлекувате од мини босовите.

Иако GODBREAKERS може да се игра самостојно, нејзиниот вистински потенцијал се отклучува во кооперативниот режим за до четири играчи. Тимската игра знае да игра и да биде клучен дел од искуството. Па така, секој играч може да избере различна класа која, пак, се одликува со уникатно оружје, способности и особини. Координацијата помеѓу класите е од суштинско значење, бидејќи комбинацијата на различни способности може да создаде разорни верижни реакции и комбо напади.
Пример, еден играч ги привлекува непријателите на едно место, втор ги замрзнува, третиот им нанесува масовна штета, а четвртиот го обновува здравјето на сите. Слични синергии се особено важни за време на битките со босови, кои, верувајте, се дизајнирани да бидат вистински тест за тимската работа и координација. Покрај тоа, играта нуди и длабок систем за прогресија. Со секое нов ран, отклучувате нови ликови, способности и трајни надградби, што ве мотивира постојано да се враќате и да експериментирате со нови комбинации и тактики.

Визуелно, GODBREAKERS се одликува со живописен и стилизиран уметнички правец кој совршено го надополнува хаотичното дејство на екранот. Наместо да се стреми кон фотореализам, играта користи силни бои и изразени визуелни ефекти за да го направи секој напад и експлозија јасен и впечатлив. Шесте биоми низ кои патувате се тематски различни и визуелно уникатни, од надреални пејзажи до технолошки комплекси, секој со свои специфични непријатели и опасности. Звучната подлога се одликува со адреналинска електронска музика која го диктира темпото на битките, додека звучните ефекти се моќни и јасни, давајќи ви задоволувачка повратна информација за секој успешен удар.

GODBREAKERS се топло препорачува на сите љубители на кооперативни, брзи акциони игри, особено за оние кои уживаат во предизвикот кој е поврзан со rogue lite механиките. Поради тоа, доколку барате нешто што става уште поголем акцент на кооперативната игра и флуидноста на борбата, тогаш GODBREAKERS е наслов што не смеете да го пропуштите, особено длабочината на борбениот систем, уникатната Godbreak механика и бескрајните можности за градење на различни стилови на игра ветуваат стотици часови забава. Доколку девелоперите целосно му се посветат и често воведуваат значајни надополнувања, насловот има потенцијал да стане вистински класик и задолжителна лектира за сите што бараат врвно кооперативно искуство.








