Phoenix Springs е храбра модерна реализација на една point and click авантура. Уште на самиот почеток ќе забележите дека развојното студио Calligram не се плаши целосно да го размрда и освежи авантуристичкиот жанр, нешто што е очигледно не само од визуелната гледна точка, туку и од самите гејмплеј механики. Phoenix Springs има многу душа, иако таквото нешто не би било првото нешто што би го помислиле додека сте изложени на минимилистичкиот дизајн инспириран од neo-noir.

Потрагата по Лео
Играта ја почнувате во вашата соба. Опкружени со огледало, футуристички екран, терминал и рид папирологија, ќе почнете знунето да шетате лево-десно, слушајќи го намерно роботизираниот глас на девојката и трудејќи се да ја реориентирате во приказната. Вашата задача е да го најдете вашиот брат. Таквото нешто се чини дека е исклучително тешко. Но, девојката мора да почне од некаде. Лутајќи неколку минути и кликнувајќи на сите работи сосема случајно откривме дека десниот клик отвора прозорец на кој го пишува името на братот на девојката. Лео.
Со кликнување на името и кликнување на документите, ќе ја откриете улицата на која некогаш живеел братот. Сега, прозорецот кој се отвора со десниот клик прикажува две информации – едната е името на Лео, а другата е името на улицата. Со избирање на улицата и терминалот, можете да ја извлечете мапата и да дознаете како да отидете до тоа место. Ова е првиот пример за тоа како работи контекстуалното истражување. Лев клик ви дозволува да погледнете во одреден предмет или лице (со што ќе го чуете вашето размислување) да зборувате (доколку може да се зборува преку тој предмет или со тоа лице) или пак да го искористите (со или без некој контекстуалниот податок).
Подоцна, играта зазема значително поразлична димензија, особено во поглед на комплексните истражувања кои треба да ги правите и разговорите кои треба да ги водите. Како авантура, Phoenix Springs не ви дозволува да собирате физички предмети, туку траги кои се поврзани за одредени физички предмети, лица, ситуации, случки, и слично. Овие траги подоцна се поврзуваат со околината во која се наоѓате или пак се споменуваат за време на разговорите. На овој начин, се создаваат одлични услови за еден вид органско напредување низ приказната. Како дополнителен плус, ќе можете и да решавате најразлични логички загатки. Овие загатки се паметно испреплетени со приказната и нудат уникатни можности за покомплексна манипулација со трагите на кои наидувате.




Многу е тешко да се опише визуелниот стил во Phoenix Springs со зборови. Се работи за уметничко прикажување на мапите, внимателно користење на неколку бои кои не се искористени само за да се обојат цртежите туку и за да се пренесе атмосферата, емоциите и хаотичната временска динамика, нешто што дополнително се истакнува со брановидните осцилации кои поминуваат низ целиот цртеж. Приказната се раскажува со силни тонови на исфорсирана компарација каде еден момент гледате крајно едноставен, навидум детски цртеж, а друг момент сте соочени со вистинско ремек дело – слика која хипнотизирачки ве вовлекува и ве остава да се давите во нејзината едноставна убавина.

Како на приказната и визуелниот стил, така и на музиката и звукот е посветено посебно внимание. Секоја нова локација е пропратена со уникатни звуци кои дополнително ја доловуваат мрачната атмосфера и чувствата на беспомошна залудност.
Градот е огромна комплексна машинерија, а вие сте само непотребен запчаник кои не прави никаква разлика во големата слика. Многу лесно можете да се чувствувате изгубено, да не знаете каде да одите и што да правите. Phoenix Springs не е игра која треба да се форсира и да се заврши што е можно побрзо. Напротив, ова е игра во која треба да се впива околината, да се ужива во истражувањето и предвреме да се радува на предизвиците. Во случај да заглавите некаде низ играта, авторите се имаат потрудено да ви помогнат полесно да дојдете во решението преку Tips опцијата. Откако го откривме овој tutorial никогаш повеќе не ни помисливме на него. Phoenix Springs не е долга игра и уживавме во истражувањето на локациите, интеракцијата со луѓето и предметите и решавањето на загатките, иако, рака на срце, никогаш не сме биле преголеми фанови на игри со предизвикувачки загатки. На моменти, посакувавме гејмплеј елементите да се поразновидни и да нудам повеќе можности за интеракција, но претпоставуваме дека таквото нешто би се косело со константната мисија за нудење продукт кој е интригантен само поради неговата едноставната природа.
Доколку барате модерни авантури кои експериментираат во значајни аспекти, особено доколку сакате noir детективски приказни, тогаш чедото на Calligram Studio е задолжителна лектира и топла препорака за време на врнежливите есенски денови.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Calligram Studio
- Издава: Calligram Studio
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 7 октомври 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 9
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 8
- Графика: 10
- Звук и музика: 10