Веројатно не ви кажуваме никаква новост ако ви кажеме дека целиот свет е во трка и натпревар за доминација во вештачката интелигенција. Она што е интересно во овој период, е дека на први и втори ноември во Блечли парк, Велика Британија, се одржува меѓународен Самит за безбедност на вештачката интелигенција. Ова е првпат да се одржи настанот, но веќе има најава за две следни продолженија. Првото е за шест месеци во Кореја, а следното шест месеци подоцна во Франција.
Целта на конференцијата е да се креира прва рамка и светски консензус за тоа како да се справиме со ризиците од вештачката интелигенција.
Конференцијата веќе ја објави првата декларација.
Вештачката интелигенција претставува огромна глобална можност: има потенцијал да ја трансформира и подобри човековата благосостојба, мир и просперитет. За да го реализираме ова мора да бидеме сигурни дека, за доброто на сите, вештачката интелигенција треба да биде дизајнирана, развиена, распоредена и користена на начин што е безбеден, на начин што ќе биде фокусирана на човекот, доверливо и одговорно. Ги поздравуваме досегашните напори на меѓународната заедница да соработува на полето на вештачката интелигенција за да промовира инклузивен економски раст, одржлив развој и иновации, да ги заштити човековите права и основните слободи, и да ја поттикне довербата на јавноста и доверба во системите за вештачка интелигенција, за да можат да го реализираат нивниот потенцијал.
Вештачката интелигенција или некакви паметни системи веќе наголемо се користат во развиените држави. Различни системи се користат во домување, транспорт, образование, здравство, правда, а без сомневање употребата само ќе расте во иднина. Ова е една од причините поради кои е клучно, системите за вештачка интелигенција да бидат безбедни.
Покрај низата на придобивки кои ќе дојдат со вештачката интелигенција системите ќе отворат и нови ризици. Дел од прашањата на кои треба да се внимава се заштитата на човековите права, транспарентност и објаснивост, правичност, одговорност, регулатива, безбедност, соодветен човечки надзор, етичност, намалување на пристрасноста и заштита на податоците.
Ризиците се најприсутни кај моделите за вештачка интелигенција кои се наменети за широка употреба, но и кај оние кои се користат во исклучително специјализирани полиња и кои би можеле да предизвикаат штета. Првите полиња за кои се зборува во контекст на опасности се биотехнологија и сајбер-безбедноста, но и системи кои се широко распространети и имаат потенцијал за споделување на дезинформации.
Ова се опасности кои се заеднички за целиот свет, па интернационалните договори се добар начин за решавање на потенцијалните проблеми.
„Стравувам дека трката да креираме моќни машини е побрза од нашите можности да го заштитиме општеството“, вели Иан Хогарт, основач, инженер и инвеститор, кој е дел од британската работна група за основни модели со вештачка интелигенција.
Основите на меѓународната соработка за безбедна вештачка интелигенција се поделени во два дела.
Идентификување на ризиците за безбедноста на вештачката интелигенција од заеднички интерес, градење заедничко научно разбирање засновано на докази за овие ризици, и одржување на тоа разбирање бидејќи способностите продолжуваат да се зголемуваат, во контекст на поширокиот глобален пристап за разбирање на влијанието на вештачката интелигенција во општеството.
Креирање на соодветни политики засновани на ризик низ земјите за да се осигура безбедноста во случај на ваквите ризици. Соработката подразбира и препознавање на различните пристапи кои може да се разликуваат во зависност од националните околности и важечките правни рамки…
Учесници во договорот се: Австралија, Бразил, Канада, Чиле, Кина, Европската Унија, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Ирска, Израел, Италија, Јапонија, Кенија, Кралството Саудиска Арабија, Холандија, Нигерија, Филипини, Република Кореја, Руанда, Сингапур, Шпанија, Швајцарија, Турција, Украина, Обединетите Арапски Емирати, Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска, Соединетите Американски Држави.