Fellowship, игра која е развиена од студиото Chief Rebel, свесно се дистанцира од етикетата MMORPG и се дефинира како Multiplayer Online Dungeon Adventure, или MODA. Како таква, играта е замислена да ги елиминира елементите како огромните отворени светови, долготрајното развивање на ликовите и споредните мисии. Наместо тоа, на вас се остава работа на само еден клучен аспект, а тоа е кооперативното освојување на dungeons. Благодарение на ваквиот дизајн, можете веднаш да се впуштите во содржината која обично се чува за самиот endgame. Поради тоа, доколку го цените вашето време и сакате директно навлегување и целосно фокусирање на занданите, тогаш Fellowship би можела да биде игра само за вас! Но, доколку барате поголема длабочина која, обично доаѓа од истражување на световите и решавање впечатливи споредни квестви, тогаш станува дискутабилно колку ваквата формула би можела да го задржи вашето внимание.

Инстант авантура
Fellowship се одликува со структурирани, временски ограничени инстанци кои се поделени во неколку формати. Adventures се најкратки, траат од 10 до 15 минути и се со еден бос, нешто што се чини како идеално за брзи сесии или учење на нов херој. Dungeons, од друга страна, се подолги и покомплексни, со повеќе босови, и служат како клучни тестови за напредок помеѓу лигите на тежина. Со оглед на тоа дека играта штотуку излезе во раниот пристап, во иднина се планирани и Raids. Како што можеби ви кажува и самото име, рејдовите ќе бараат поголеми тимови и ќе претставуваат врв на кооперативниот предизвик.
Во секоја инстанца, целта е да се елиминираат доволно непријатели за да се достигне 100% на прогрес барот. Штом го реализирате ова, ќе може да се материјализира финалниот непријател, но и тајмерот за неговото елиминирање. Успешното завршување во рамките на времето е клучно за отклучување повисоки нивоа и подобри награди. Fellowship нуди и два режима: Quickplay ви дозволува да играте без тајмер и со нормализирана опрема, а Challenger Mode, кој е рангирана и натпреварувачка природа, каде што секоја секунда е важна.
Борбата се потпира на класичната механика каде еден од вашиот тим е тенк (вреќа за удирање), еден е хилр (исцелител кој го одржува тимот во живот), и двајца се DPS херои кои специјализираат во нанесување штета. Позиционираноста која доаѓа од ваквите улоги ја нагласува потребата од длабока стратешка координација и тимска работа. Во спротивно, нема далеку да стигнете.

Јасност пред Естетика
Fellowship користи стилизирана, цртана естетика со светли и шарени околини. Оваа уметничка насока е замислена да понуди максимална читливост во борбените ситуации. Имено, со давање приоритет на функционалноста, лесно можете да ги препознаете непријателските напади и ефекти, што е од суштинско значење доколку сте навлегле во некој од попредизвикувачките режими. Ние немавме пробле да ја цените јасноста и прегледноста која произлегува од ваквиот стил, но разбираме како некои гејмери би можеле да гледаат на стилот како на генерична изведба на која е отстранет уникатен визуелен идентитет. Музиката е амбиентална и функционална, дизајнирана да го поддржи темпото на акцијата без да го одвлекува вниманието од клучните звучни сигнали на непријателите.

Бескраен предизвик
Долгорочната мотивација во Fellowship се одржува преку интелигентен систем на скалабилна тежина и награди. Моќта на ликот првенствено доаѓа од опремата, која се добива со завршување на засолништа, а квалитетот на наградите расте со нивото на тежина. Ова создава интересна и забавна ситуација каде што играњето на главната содржина е истовремено и начин за напредување.
Покрај опремата, постои и Starmap – систем за прогресија на ниво на целиот акаунт. Слоевитиот системот ви дозволува да отклучувате трајни бонуси и таленти и соодветно да се прилагодувате за идните предизвици. Покрај основното зголемување на здравјето и штетата на непријателите, играта воведува модификатори (афикси кои додаваат специфични предизвици), клетви (ризични механики со потенцијална награда) и воздигнувања (глобални промени кои фундаментално го менуваат начинот на кој се игра, како што е воведувањето на строг тајмер или додавање целосно нови способности на непријателите).
Комбинирање и експериментирање со сите овие елементи ем го зголемува предизвикот, ем постепенове учи како да се справувате со напредните механики. За најпосветените, пак, по завршувањето на последната лига, се отклучува таканаречен Eternal Mode. Со бескрајно скалирање на тежината, овој режим е наменет исклучиво за натпреварување и извлекување најдобри резултати кои ве поставуваат високо на Leaderboards.

Прекрасен старт и ветувачка иднина
Fellowship е прецизно изработен инструмент кој е за сита оние играчи кои се по натпреварувачки PvE авантури. Доколку барате силна приказна или впечатливо истражување, шансите се дека ќе останете со празни раце, но доколку копнеете по арена за докажување на вашите вештини тогаш се наоѓате на вистинското место. Во Fellowship се црпе сила од совршената изведба на тимска ротација, од оптимизација на секоја секунда во занданите и од мерливиот успех на искачувањето на ранг-листите. Со отстранување на сите споредни активности, играта нуди најчиста и најконцентрирана форма на предизвик, почитувајќи го, притоа, вашето време и ставајќи ве во центарот на акцијата. И, уште еднаш: aко сте играч кој ужива во механичка длабочина, стратешка тимска работа и постојано поместување на сопствените граници, тогаш Fellowship ќе ве изложи на дестилирано искуство скроено токму за вас.











